Автор: М-р Наташа Димеска
Пристигнувањето на големиот бизнисмен Субрата Рој во земјава и инвестициите кои ги најави, предизвикаа лавина коментари, кои никако да стивнат. Секој негов проект е ставен под знак прашалник, секое ветување се споредува со судските проблеми и затајувањето на данок, кои го следат, но тој секое свое дело го оправдува со реченицата: „Ќе инвестирам тука зошто ја сакам оваа земја“. Но од каде се роди оваа голема љубов?
Македонија идентична со Индија?!
Походот на Александар Македонски кон Индија и обидот да се спојат овие непремостливи далечини е можеби првиот знак дека овие две земји, многу наликуваат една на друга, но интензивирањето на контактите меѓу овие две земји, во последниот период, го потврди тоа.
Ниту гостопримството по кое Македонија е позната ширум светот, ниту слепоста за матните зделки на Субрата Рој, не се причина за неговата инстантна љубов кон земјава. Причина е сличноста со Индија, која допринесува тој да се чувствува како „дома“. Токму затоа тој сé почесто не посетува, пеејќи си го рефренот: „Само дома си е дома, ми шепне секој друм…“
„Љубовта“ на Субрата Рој кон земјава се потврди и со последното преземање на земјоделскиот комбинат „Џумајлија“, и ветувањето за купување на 20 000 крави, но и со крстосувањето низ земјава на сите негови блиски соработници, синови, ќерки, први братучеди. И замислете сите тие се чувствуваат во Македонија како да се дома и еве зошто: Можат да се најдат илјада примери за сличноста на Македонија и Индија, па може да се каже дека сликите кои ги гледа тука, го потсетуваат Субрата Рој на татковината, а тоа ја буди неговата „бескрајна љубов“.
Македонија и Индија, пред сé, се слични во основната политика, и во двете држави има многу сиромашни граѓани, а наспроти нив има милијардери. Близу 30% од населението на двете земји се соочува со сиромаштија и маргинализираност.
Индија постојано се фали дека е во петорката земји чии економии вртоглаво се развиваат, и заборава на сенката на овој развој, односно на милијардите гладни луѓе кои крстосуваат по нејзината територија. Македонија не заостанува зад ова, па и таа постојано брои инвестиции, кои на Македонците им ја даваат минималната плата, не им даваат слободен ден, и ги туркаат во работничка сиромаштија, но тоа не е сликата која говори за сторените економски дела.
Бројот на сиромашни Македонци расте, можеби со исто темпо како оној во Индија, но и кај нас се прават листи на најбогати луѓе, кои натрупале вртоглаво богатство, искористувајќи ги бирократските матни игри, врските со власта, роднинските врски.
И додека економистите предупредуваат за сиромаштијата која царува во руралните делови на Индија, каде децата се третирани како робови за корка леб и каде луѓето го ризикуваат својот живот во напуштените рудници, големиот квази-милијардер Субрата Рој и помага на развојот на нашата држава со инвестиции во 20.000 крави. И нашите рурални области се празнат и остануваат како региони по суша, но можеби овие крави се лекот за тоа?!
Па, како може да нé сака нас- кога не го сака својот народ? Но, нé сака, кога ние слепо го отстапуваме секое парче слободна земја, за исполнување на 1% од неговите ветувања, за кои ќе треба, згора на сé, да му платиме субвенции, нешто слично како Индија која привлекува инвеститори, заборавајќи на реалната штета која ја причинува.
Листата на сличности на Индија и Македонија е толку долга, што подарувањето на државјанство на овој великодушен милијардер, чиј имот со сé долната облека е конфискуван, е сосема логична работа.
Не е чудно што Субрата се заљуби во нас, во неговата идна татковина, кога наскоро целосно ќе заличиме со „братскиот народ“- Индијците. Нивото вегетеријанство ќе завладее и кај нас, кога високите цени ќе го направат месото мисловна именка.
Златото и во двете земји е показател на моќ, пари и среќа, неизоставен дел од секоја свадбена веселба, па и најсиромашните се заложуваат за да го купат, за да го подаруваат на свадбените веселби.
Текстилната индустрија е уште една сличност на овие така далечни, а така блиски земји. И двете можат да се пофалат со илјадници текстилни фабрики, во кои сурово се експлоатираат работници, за минимална плата и каде работничките права се забранета тема за дискусија.
Учењето е она кое треба да го прекине ланецот на сиромаштија, која и во двете земји се пренесува од генерација на генерација, но сиромашните во двете земји се целосно заборавени во трката за успех, бидејќи и стипендиите и помошта секогаш ја добиваат блиските на власта, кои прво минале на курсот за умилкување на политичарите.
И лошото владеење и погрешните економски одлуки, чиниш, се извадени од ист учебник од кој се школувале лидерите во двете земји. Токму тие влијаат на нивната перцепција на реалноста, па зборуваат само за богатства, инвестиции, а нивното кокошкино слепило не ја перципира сиромаштијата и гладот.
Ниту со Боливуд, Индија не успева да ни побегне и да креира разликата меѓу нас. Продуцирањето на владини реклами, во кои се делат совети, препораки, упатства за живеење на животот, но и кои го покажуваат животот по делата, за кој очигледно 1 милион Македонци се слепи, сме сосема близу до нивните светкави сериски филмови, во кои се прикажува сé, само не бедата и гладот.
Вака гледано на ситуацијата сигурно и ние ќе се почувствуваме како дома во Индија, кога ќе забележиме дека трпезата е полна со ориз, компири, кога по улиците крстосуваат гладни и жедни просјаци, а телевизиите го прикажуваат сјајот и гламурот во кој се живее во државата.
Чиниш крај нема на овие сличности, кои креираат социјален раздор во двете држави, затскриен зад сјајот на квазимилијардерите од рангот на Субрата Рој, кои пустошат сé зад себе само со помош на ножички, лопата и црвена лента.
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“.