Студиските програми на ФЕИТ добија акредитација од германска агенција

Од:

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ доби меѓународна акредитација од Агенцијата за акредитација на студиски програми од областа на електротехника и информациски технологии од Германија (АСИИН).

Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски денеска изјави дека тоа е потврда за квалитетот што Факултетот го негува со години во однос на студиските програми, како и во начинот на изведувањето на наставата, соработката со стопанството и системот за управување со квалитет.

– Со тоа, нашите студиски програми стануваат препознатливи и се во фамилијата на европски студиски програми, а нашите студенти добиваат дополнителен квалитет. Иако и досега беа препознаени со дипломите на ФЕИТ, сега и дефинитивно сме во множеството европски факултети. Оваа акредитација што ја направивме за нас имаше и друга значајна димензија, на некој начин евалуација на она што досега го имаме направено, изјави Ташковски.

Добиле, рече тој, одредени забелешки и препораки, како во иднина да се подобруваат и за некои од нив разговарал денеска со министерката за образование и наука Мила Царовска, која по повод добивањето на меѓународната акредитација го посети ФЕИТ.

Деканот и се заблагодари на министерката за поддршката што во овој период Факултетот ја има од МОН за кадар и набавка на опрема и се надева дека поддршката ќе продолжи за, како што рече, постепено да создаваме кадар кој ќе формира квалитетно и одржливо општество.

Според министерката Царовска, многу е значајно што во нашата држава има факултет кој ги исполнува европските стандарди.

– Како МОН сме горди што можеме да ги подржиме сите нивни напори и сметам дека ако вложуваме во апликативна наука, забрзано може да постигнеме развој на државата. Многу е важно стопанството да биде што повеќе во комуникација и поврзано со она што го имаме како знаење и достигнување на факултетите за да може и тие многу полесно и побрзо да бидат продуктивни и да имаат подобри економски перформанси, рече министерката.

Таа потсети дека по објавениот повик на МОН пред околу шест месеци, неодамна беше доделена финансиска поддршка за 44 проекти за опремување лаборатории на факултетите на сите универзитети и дека два од нив се токму за ФЕИТ. Вкупната сума за проектите е над 320 милиони денари, од кои 244 милиони денари се од МОН.

– Сметам дека сите проекти што ги доделивме ќе значат поддршка, но и иницијална каписла за понатамошен развој на лабораториите и нивно поврзување со реалниот сектор и компаниите кои имаат потреба од нив. МОН дополнително инвестираше и во националните институти кои имаат стратешко значење за државата, а кои со години беа оставени без да имаат директни инвестиции во проекти, истражувања и наука. Таму доделивме 19 милиони евра. Сметам дека на овој начин понатаму, системски и структурно, треба да се поврзуваат универзитетите за да постигнеме нивни значен придонес во развојот на државата, истакна Царовска.

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови

МОН не го послуша Советот на Општина Велес: Скрати македонска паралелка во гимназијата

Орце Костов

До крај на година ќе се учи секоја сабота: Неработните денови за учениците преку ноќ станаа работни

Орце Костов

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов

Нема евиденција дали 140 денари за оброк завршиле кај студентите, МОН исплаќал пари без утврдени легла во домовите, покажа ревизијата

Орце Костов