За жал, од медиумски аспект, Струга, ова раздвижено срце на мешаница од различни стилови на живот, обичаи, традиции и културно наследство, остана селска паланка до тој степен што денеска можеби најразвиениот електронски телевизиски медиум на поширокото подрачје, не е во градот, туку во едно од селата на струшката општина, додека националните ТВ куќи од Скопје, настаните главно ги покриваат преку дописниците од Охрид.
Пишува: Веле Митаноски
Како Струга, навистина, нема друга, односно ретки се урбаните населби сместени и на езеро и на река. Затоа, на секого му е „мило ем драго, на Струга дуќан да има”. Затоа што е развиена трговијата, а околу градот има неколку населени места, селски средини, со по десетина илјади, па повеќе, човечки души. Струга го има и единствениот поетски фестивал во светот – Струшките вечери на поезијата, додека, паралелно, интензивно го развива туризмот. Хотелот Дрим е успешна, една од ретките приказни со среќен крај во криминалната приватизација, а веќе е отворен и најлуксузниот објект на охридско-струшката ривиера – хотелот Изгрев, кој како феникс се дигна од пепелта на некогашното истоимено работничко одморалиште, сега реновирано со турски капитал. Струга има и развиен политички живот, со активни локални седишта на сите политички партии од македонскиот и албанскиот блок, додека струшкиот градоначалник Зијадин Села не се симнува од насловните страници. Ете доста провокации, за медиумска опсервација и афирмација. Меѓутоа, за жал, од медиумски аспект, Струга, ова раздвижено срце на мешаница од различни стилови на живот, обичаи, традиции и културно наследство, остана селска паланка до тој степен што денеска можеби најразвиениот електронски телевизиски медиум на поширокото подрачје, не е во градот, туку во едно од селата на струшката општина, додека националните ТВ куќи од Скопје, настаните главно ги покриваат преку дописниците од Охрид.
АГЕНЦИИ
Струга на времето го имаше државното Радио Струга, од кое во транзицијата не остана ниту прав, ниту пепел. Десетината новинари, кои подготвуваа програма на три јазици (македонски, албански и турски) завршија во Агенцијата за вработување и ниту еден од нив денеска не се занимава активно со новинарство. Од постарата генерација новинари единствено остана да му пркоси на времето Мемет Латифи, денес дописник на новинската агенција ИНА (Ilirion News Agency – www.ina-online.net), со седиште во Скопје. За својата информативна куќа Латифи вели дека е, ако не најразвиената, тогаш најпрофесионалната, најдоверливата во поширокиот регион (Македонија, Албанија, Косово), но и во албанската дијаспора. Aгенцијата е добро прифатена на албанскиот јазичен и културен простор на Балканот, соработува со Балкан веб од Тирана и со речиси сите слични медиуми во Косово во размената на информации. Тој се труди да известува и да ги афирмира случувањата во Струга, но тоа допира до недоволен број читатели.
– Тука има најмалку два хендикепи, вели Латифи. Првиот е што агенциите, на локалниот простор допираат до многу помал број консументи, за разлика, да речеме, од електронските радио и ТВ медиуми. Второ, голема препрека е јазикот. Се случува реверзибилен процес. Јас ја терам шестата деценија од животот. Кога бев помлад, многу повеќе Македонци знаеја албански јазик од денеска. Луѓето повеќе се дружеа, склопуваа пријателства, разговараа, имаа меѓусебна доверба. Денеска не е така. Македонците ги изучуваат светските јазици, а со индигнација одбиваат да го учат јазикот на средината, на првиот комшија, кон кој, за жал, чувствуваат дури и одбивност. Знам дека преку ноќ тоа не може да се промени, но час поскоро треба да се надраснуваат предрасудите, да се учат јазиците на локалната средина, зашто кога повеќе меѓусебно се познаваме, тогаш и повеќе си веруваме, имаме взаемна доверба и разбирање, вели колегата Мемет Латифи.
ДОПИСНИЦИ
Медиумите, пак, што имаат поголемо влијание, како да не се заинтересирани за Струга. МРТВ има еден дописник и за телевизијата и за радиото. Пишува на македонски јазик и, сакал не сакал, повеќе е свртен кон проблемите и потребите на Македонците во Струга и струшко. Неговите текстови на програмите на албански јазик, се преведуваат – и на телевизијата и на радиото. И, бидејќи и така има мал број извештаи, односно интерес за случувањата во Струга, ситуацијата е таква што се известува само ако некој политичар со позвучно име дојде во посета на градот и општината. Но, тоа не го задоволува интересот на граѓаните. Се знае дека на јавниот сервис не продираат извештаи потака од потесниот интерес на партиите на власт, така што пошироката јавност е ставена во втор план.
Можеби повеќе се очекуваше од приватните телевизии, но и тука ситуацијата не е сјајна. Алсат телевизија, едно време имаше дописник кој патуваше од Охрид и известуваше на македонски јазик, потоа друг со жителство во Струга, кој, па, известуваше на албански јазик, но, за жал, сега нема дописник. Причината е, велат, многу банална – немале услови да обезбедат и камерман, покрај новинарот-известувач!
ЛОКАЛНИ ТВ И РАДИО СТАНИЦИ
Навидум е добра ситуацијата со локалните телевизии и радио станици. Во раните деведесетти години на сега веќе минатиот век, бумот со телевизиите и приватните, комерцијални радиостаници, не го одмина и струшкото подрачје. Уште оттогаш егзистираат телевизиите Калтирина и АРТ – канал, но само до нивото да се има медиум, без да се води поголема сметка за развојот и влијанието. И двете телевизии немаат редовни информативни емисии во програмската шема, немаат дебатни емисии, освен монолози на политичари и тоа главно кога се избори – локални, или општи парламентарни. За претседателските и така никој не ги бара. Програмите им се исполнети со филмови и поздрави и честитки за некој од празниците, главно, верски. Додуша, се случува да снимат и по некој дневен настан, но го емитуваат „како ќе му дојде редот“ во текот на дневните програми. Сопствениците на ТВ Калтрина се, истовремено и кабелски оператори, за подрачјето на Струга. Сите три телевизии на теренот имаат и свои интернет страници, од кои се добива впечаток дека по содржините, сепак, најразвиена е „селската“ телевизија од Лабуништа – Спектра за која на времето фреквенцијата ја доби познатиот бизнисмен и пратеник од Струга, Фијат Цаноски.
Во делот на електронските медиуми во Струга егзистираат и две радио станици: Радио Плеј на македонски и Радио Рапи на албански јазик. И двете емитуваат вести, но без некое поголемо влијание. Вестите им се од сопствено производство, се потпираат на други колеги – новинари од Струга, или, пак, комбинираат со аудио вестите на Макфакс. Радио Рапи, иако има предзнак на семејно радио, сепак, во локални рамки е релативно добро екипирано, со еден дипломиран новинар, двајца помлади кои сѐ уште студираат и уште некоја припомош од членови на семејството на сопственикот. Емитуваат и дебатни емисии од разни области, кои ги водат поафирмирани новинари од Струга.
ПЕЧАТ И ИНФОРМАТИВНИ ПОРТАЛИ
И, бидејќи во Струга нема печатен медиум, граѓаните чиј мајчин јазик е македонскиот таа потреба ја задоволуваат читајќи ги дневните весници или периодични списанија Скопје. Тие, пак, немаат дописник од теренот (општините Струга и Вевчани), така што чекаат да појдат дописниците од Охрид. Граѓаните чиј мајчин јазик е албанскиот, пак, таа потреба можат да ја задоволат главно преку весникот Коха, кој има свој дописник во Струга и тоа добар професионалец, дипломиран новинар на Универзитетот во Тирана.
Струшката медиумска слика ја надополнуваат и два портали: Струга Лајм и Дрини МК. И двата ги водат високо образовани кадри – едниот дипломиран новинар на Универзитетот во Тирана. Стружани и останатите читатели, сепак, не можат да бидат задоволни од нивниот профил и начинот како ги обработуваат темите. Имаат доста забелешки за непрофесионален однос, за сензационализам, за копи/пејст новинарство без никакви граници и скрупули.
Интересно е и што медиумите од Тирана и Приштина сѐ уште немаат интерес за дописници од Струга, иако станува збор за средина во која живеат голем број Албанци.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).