Струмица наскоро прв балкански град со целосно електричен јавен градски превоз

Од:

Струмица ќе биде прв град на Балканот со електрифициран јавен градски превоз во корелација со Европскиот зелен договор, најави денеска струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов при преземањето на клучевите од десетте електрични автобуси во кругот на Аутомакедонија во Скопје.

Автобусите моментно се во фаза на процедурата за царинење, регистрација и осигурување и се очекува од 1 до 6 септември да бидат доставени во Струмица, а од 11 септември да бидат ставени во тест возење во траење од најмалку еден месец, период кога ќе има бесплатен јавен превоз за граѓаните, со цел да се отстранат евентуалните недостатоци.

-Испишуваме историја како граѓани на Струмица од причина што нашата општина досега немаше јавен превоз, а во исто време не може да се занемари фактот што Струмица е еден од градовите кој се соочува со енормна загаденост на воздухот. Кога се соочуваме со такви предизвици неопходно е да правиме револуционерни и радикални иницијативи и проекти како што е електрифицираниот јавен превоз со што стануваме првиот град на Балканот со имплементиран целосно електрифициран јавен превоз, изјави Костадинов.

Овој проект, како што кажа, е во корелација со Европскиот зелен договор и додаде дека прашање на време е кога ќе тропне на врата обврската од Европската Унија согласно новите регулативи кои предвидуваат до 2035 година 100 проценти од градскиот превоз да мора да има „0“ емисија на гасови заради декарбонизација на градовите и јавните превози.

Директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Струмица транспорт“ Драги Поп-Стојанов посочи дека воведување на 100 проценти електричен превоз е во согласност со концептот „Смарт сити Струмица“ заедно со велосипедските патеки што се изградени во потесното градско подрачје.

-Ние сме единствена општина во регионот и на Балканот што воведуваме 100 отсто електричен превоз што ќе користи електрична енергија која во наредна фаза ќе ја обезбедиме сами како зелена енергија во нашата автобуска база кај што ќе биде полнењето на електричниот превоз. Таму имаме идеална можност за поставување фотоволтаични колектори на покривната конструкција од 5.000 квадратни метри за да можеме сончевата енергија да ја претвориме во електрична енергија и да добиеме потполна енергетска независност, рече Поп-Стојанов.

Ќе воспоставиме, додаде, модел на одржливо користење на природните ресурси со правилна искористеност и употреба за полнење на електричните автобуси што во наредната фаза ќе биде речиси бесплатна.

-Енергијата што ќе ја добиваме од планираната централа со капацитет од 1 мегават ќе биде сосема доволна да ги задоволи потребите за полнење на електричните автобуси, за греење и ладење на нашиот Центар за управување со тие автобуси, а вишокот енергија ќе се користи за осветлување на улиците на град Струмица со што ќе се добие уште поголемо олеснување врз буџетот на граѓаните, истакна Поп-Стојанов.

Општина Струмица ги набави 10. електрични автобуси во вкупна вредност од седум милиони евра по пат на лизинг.

Би можело да ве интересира

Водата и во Општина Василево не е за пиење и употреба

Катерина Ѓуровски

Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Струмица – Валандово

Владата нуди помош за решавање на проблемот со водата за пиење во Струмица

Струмичани ќе добиваат вода за пиење од апарати и канистри поставени во сите училишта и градинки

Катерина Ѓуровски

АХВ: Водата во Струмица не е за пиење, има манган и колиформни бактерии

Горан Наумовски

Осуденик излегувал од затвор за да краде и ограбува