Стратегијата за одржлив развој на општина Гевгелија – заборавена и неостварена

Од:

Пред осум години Советот на општина Гевгелија донесе Стратегија за одржлив развој за периодот 2006-2011 година во кои се наведени 71 проект од областа на инфраструктурата, одржливиот економски развој, квалитетот на животот, образованието и обуката, кои треба со својата реализација значително да влијаат во севкупниот развој на општината и на условите за економски и општествен живот воопшто.

Две години подоцна од рокот за имплементација на проектните зафати предвидени во Стратегијата, паѓа во очи отсуството на спроведувањето на значителен дел од наведените проекти, кои се предочени како стратешки цели за развој на општина Гевгелија. Стратегијата е поддржана од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а финансирана од Владата на Финска.

Како документ со кој се идентификуваат приоритетните области и стратешките избори, поставувајќи широка рамка за економски, социјален и културен развој на општинаГевгелија за периодот 2006–2011 година, се поставува прашањето: кое е оправдувањето гевгеличани и денеска да не се сигурни дали пијат чиста вода за пиење, и денеска децата и студентите што посетуваат настава во просториите на Пионерскиот дом во Гевгелија да пливат во вода додека седат на часовите, зошто пропаѓа спортската сала „Партизан“, зошто не е изграден новиот Спортско-рекреативен центар за младите со трим-патеки, куглана, како е можно да се заборави изградбата на нов фекален колекторски систем, да остане неискористен хидроелектричниот потенцијал на малите реки од општината, Гевгелиското поле да остане без современ систем за водоснабдување при постојните водени ресурси на Кожуф планина, и други прашања, чии решенија се содржанио во Стратегијата, а на терен – заборавени и неостварени.

Многу прашања можат да бидат поставени, но најприоритетно е прашањето со водоснабдувањето за гевгеличани.

Со Стратегијата за развој предвидена е реализација на седум проекти со намена да се подобри водоснабденоста на општина Гевгелија во вкупна вредност од 273.200.000 денари.Периодот за нивната имплементацијае од 2007 до 2011 година.Ако одиме редоследно, ќе констатираме отсуство на секој од споменатите проекти.Првичниот проект за замена на азбестните цевки од гевгелискиот водовод со нови во вредност од 50 милиони денари остана без реализација поради необезбедени финансиски средства.Граѓаните на Гевгелија сèуште пијат вода од неквалитетна и застарена цевководна мрежа инсталирана пред повеќе од педесет години, што претставува закана по квалитетот на водоснабдувањето со чиста и здрава вода за пиење.Ист таков проект требаше да биде спроведен и во системите за водостабдување на населените места, со вредност од дополнителни 20 милиони денари.Со ширењето на градот и отворањетонови индустриски зони се создадоа и потреби од обезбедување на дополнителни извори на вода.Таквата можност беше предвидена со зафаќање на водите од Серменинска река за потребите за водоснабдување, со вкупна финансиска вредност од 150 милиони денари и рок на реализација 2009-2011.За квалитетот на водата за пиење предвидена е изградба на постројка за мерење и подобрување на квалитетот на водата за пиење со вредност од 12 милиони денари.Таа требаше да биде готова до 2008 година, но сèуште е неизградена, а, сепак,е насушна потреба за гевгеличани. Опремување на лабораторија за контрола на водата за пиење гевгеличани требаше да имаат уште во 2009 година и со тоа би ги избегнале изненадувањата од типот: „Има ли арсен во гевгелискиот водовод и колку е тој опасен за здравјето на луѓето?“. Толку ли беше тешко да се обезбеди еден милион денари за да биде изградена една современа лабораторија за контрола на квалитетот на водата, колку што изнесувала финансиката тежина на проектот?Стратегијата предвидувала и едукативна кампања за подобрено искористување и заштита на водата за пиење во вредност од само 200.000 денари, но и тие не биле обезбедени. Иако најавена, сèуште се чека изградбата на Пречистителна станица кај реката Вардар, чија вредност изнесува 240.000.000 денари, а со чија реализација се очекува заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на водите на реката Вардар, која се користи за наводнување, а во дел од Гевгелија и за пиење, со бунарите на овој потег од градот.

Темата со водоснабдувањето во Гевгелија ја отвори Републичката Агенција за храна и вода, која во октомври минатата година откри неколкукратно повеќе од дозволеното присуство на арсен во бунарите кај Моин од каде што гевгеличани се снабдуваат со вода за пиење.На Јавното комунално претпријатие, кое стопанисува со водените ресурси, му беше наложено да ги исклучи двата бунари кај Моин од системот за водоснабдување и да вклучи алтернативни извори за водоснабдување на градот. И покрај преземените мерки, како што објаснуваат од локалната самоуправа, која е оснивач на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, во јануари годинава  истата Републичка Агенција за храна и вода констатирала поголемо присуство на арсен во примерокот вода земен за испитување од детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија.  Седум месеци подоцна, по јавниот молк за прашањето со водоснабдувањето, гевгеличани сèуште оправдано се прашуваат: „Која е гаранцијата дека и денеска тие не пијат загадена вода?“

По толку опсежни подготовки за стратегиски одржлив локален разој на општината, зошто се дозволува воочените потреби да останат само испишана хартија и потрошени средства за анализи и проектни планови. Зошто не се презел ниту чекор понатаму за изведба на дел од зацртаните проекти за да немора денеска жителите на Гевгелија да се прашуваат дали пијат чиста вода за пиење, или некој и понатаму свесно и неодговорно ги труе, пред сè поради молчењето на надлежните локални власти и комуналното претпријатие за посочениот проблем. Градоначалникот изјави дека по укажувањето на Агенцијата, бунарите кај Моин веднаш се исклучени од системот за водоснабдување, а се ставени во употреба бунарите кај Вардар. Директорката на Јавното комунално претпријатие, пак, со првата своја појава на отворена седница на Советот на општина Гевгелија одби да разговара за водоснабдувањето, а за претпријатието наведе дека немало никава инвестициска активност.

Која е смислата на функционирањето на Јавното комунално претпријатие ако целиот свој фонд на средства го користи само за плати и обрти средства, а не и за подобрувањето на квалитетот на водата за пиење, е оправдатата дилема што деновиве си ја поставуваат гевгеличани.

Освен проектите за водоснабдувањето, локалната самоуправа заборави да ги спроведе и големите инвестициски зафати за изградба на браната „Сарандар“ и ХМС „Конска брана“, кои треба да обезбедат нови 250.000 метри кубни вода првата,  односно 20.000.000 метри кубни втората, со мрежа од систем за наводнување и водоснабдување и дополнителни резерви од вода за градот. Рокот за реализација, заклучно до 2011 година, е веќе изминат, а за браната „Сарандер“ никој ништо не прозборел од 2006 година наваму, кога започна со реализација овој проект, но новата власт на централно ниво не одобри буџетска поддршка за продолжување на имплементацијата. Дека се работи за негирање на сè што претходно започнала старата локална власт под водство на сегашната опозиција, не е доволен одговор за жителите на село Моин, кои во браната „Сарандар“ гледаа решение за својот долгогодишен проблем со обезбедувањето вода за наводнување на посевите во овој регион. Конска брана, пак, повремено се споменува, но само во форма на ревизија на физибилити-студијата, како старо-ново изборно замајување на јавноста.

Ако вината за блокадата на стратегијата лежи во каприцот врз опозицијата, која своевремено го подготвила и донела овој опсежен документ, како е можно да се оствари одржлив локален развој? Ако се негира постигнатото, се нема основа за иднината. Ако се негира потребата од нови проекти за водоснабдување, зошто сега две години подоцна се бара решение за водоснабдувањето со зафаќања на водите од Серменинска река (проект број 6 од Стратегијата), што го спомена и министерот за транспорт и врски при последната посета на Гевгелија. Очигледно, затоа што друго стручно решение не е достапно за решавање на овој проблем.

И додека властите се надмудруваат во своите суети, никој не смее да го исклучи правото на граѓанинот за чиста и здрава вода за пиење, особено не кога изворите на вода се околу нас, а планските документи готови пред нас, во очекување на својата конкретна имплементација на теренот.

А.Д.

 

Би можело да ве интересира

Србин со нож ранил маж во кафеана во угостителскиот објект на бензинската пумпа во Јосифово

Горан Наумовски

ВИДЕО: Град со големина на орев го погоди Гевгелиско

Градоначалникот на Гевгелија префрлил 36.000 евра на ракометен клуб основан од татко му, обвинија од СДСМ

Орце Костов

Едно лице загина во сообраќајката на патот Гевгелија-Богданци: Се судриле четири автомобили

А1он

Сообраќајка на патот Богданци-Гевгелија: Сообраќајот во прекин, интервенираат пожарникари и полиција

А1он

Гевгеличанец си садел марихуана во двор – доби кривична и притвор

А1он