Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници ќе бидат не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку и сите деловни субјекти влучени во надворешно трговската соработка.
Засега, оценува Стопанската комора, никој не може да каже колкави ќе бидат загубите зашто тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство поради недостаток на суровина…но, сигурно е, дополнува, дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес.
-Минатата недела, СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји, информира Стопанската комора.
Потсетува и дека ЕУ е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата.
-Затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки, наведува Стопанската комора.