Некогаш најпрестижна институција во здравството на Македонија, клиниката за стоматологија „Св. Пантелејмон“ Скопје после десетгодишното управување од страна на директорот Ариан Даци е доведена во очајна и алармантна состојба, велат вработените во клиниката.
– На клиниката во моментот и се случува тотален распад во секоја смисла на зборот, почнувајќи од инфраструктурни проблеми, кадровски, огранизациони, технички и финансиски. Десетгодишното апсурдно владеење на Ариан Даци кој како партиски кадар на ДУИ, без никакви претходни искуства, беше донесен на клиниката како прв човек да управува со стоматолошки клинички центар, успеа да ја разгради, да ја уништи до таа мера што во моментот клиниката не е безбедна за персоналот и пациентите, како и за случајните минувачи, велат вработените за А1он.
Тие велат дека клиниката не е бојадисана ниту реновирана 10 години. Додаваат, лифтот кој е изграден како доградба од страна на екс директорот Владо Ванковски, веќе пет-шест години е надвор од употреба, а со попуштањето на конструкцијата, лифтот е веќе опасен за употреба.
– Надлежните инспекциски служби треба итно за превземат соодветни мерки и привремено да ја затворат, додека се создадат безбедносни услови за нормално функционирање, апелираат вработените кои се сериозно загрижени од инертниот однос на Ариан Даци и финансискиот директор Александар Тишоски за кого пак функцијата во оваа област е целосна мистерија.
Велат, веќе неколку години таканаречените директори се глуви и слепи на опасноста која во секој момент може да создаде хаварија од несогледиви последици, а во моментот е во алармантна состојба.
Тие нагласуваат дека со најголемиот дел од одлуките на директорите се понижувани професори, лекари и друг медицински персонал, кои на клиниката важеле и важат за професионални авторитети, кои создавале национални критериуми за вредности во областа на соматологијата.
Дел од вработените раскажуваат дека се трошат многу пари за непродуктивни патувања, а поретко се набавуваат апарати со сомнителен квалитет кои се вон функција, а некои и неисплативи. Истакнуваат дека се вршат набавки на материјали со најлош квалитет, а дел од постоечката опрема која е некогаш набавена е нефункционална.
– Некогашниот ВИП кабинет во кој доаѓаа странски претставници од амбасади, конзулати, како и највисокиот државен врв, денеска е претворен во приватна амбуланта на Ариан Даци и тука воглавно се примаат пациенти по партиска, пријателска или роднинска линија, а вработените се присилуваат со усна наредба да извршуваат работни задачи без никаква евиденција и наплата за истите, истакнуваат вработените.
Велат, зачудува и индиферентниот однос на министерот Никола Тодоров, иако ги знае состојбите во оваа клиника.
– Потребна е итна ревизија и за финансиското работење на директорите, како и итна посета на надлежните инспекциски служби, кои би требало да превземат итни мерки за запирање на хаосот и комплетното доуништување на оваа некогаш престижна државна клиника, повикуваат дел од вработените.