Стипендии за 28 ученици со попреченост во Куманово, Липково и Старо Нагоричане

Од:

Дваесет и двајца ученици со попреченост, запишани во прво и второ одделение од Куманово, добија стипендии во рамки на проектот „Биди Ин, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, информираа денеска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово.

Во општините Липково и Старо Нагоричане, стипендија ќе користат по тројца ученици. На ниво на државата доделени се 287 стипендии во рамки на овој проект, кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ од Тетово, поддржани од Министерството за образование и наука и финансиски од ЕУ.

Исплатата на стипендиите за првите три месеци е веќе почната. Претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска, изјави дека во тешки времиња во услови на пандемија, сите сме изложени на поголеми трошоци, а семејствата на овие деца на уште поголеми.

– Затоа што дечињата со попреченост користат повеќе витамини и овие пари им се поддршка, мала, но сепак многу значајна во овие времиња. Но, поддршката се однесува токму и на институциите односно МОН, бидејќи е донесен нов Закон за инклузивно образование каде што се предвидени токму вакви мерки за поддршка и на семејствата, и на учениците, за да се вклучат еднакво во редовното образование како сите останати дечиња, изјави Димитровска.

Во рамки на проектот обука поминале и 30 тутори кои ќе им бидат поддршка на децата со попреченост, а ќе се спроведат и кампањи за подигање на свеста и промовирање на важноста на инклузивното образование, подобрување на капацитетите на вработените во основните училишта за градење инклузивни образовни средини и подобрување на поддршката и пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост.

– Се надеваме дека идната година дечињата што се во посебни паралелки и во специјални училишта ќе преминат во редовните училишта, а овие форми на образование ќе бидат ресурните центри, како што е зацртано во новиот закон. Понатаму ќе гледаме на поголемо вклучување, прифаќање на оваа категорија, подигање на јавната свест и веќе да нема стигма и предрасуди, туку овие деца да се почувствуваат корисни, да се образуваат заедно со другите деца, за да израснат во луѓе кои самостојно ќе живеат и ќе заработуваат за себе, додаде Димитровска.

Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, финансиран е од Европската Унија. Ќе трае три години – до крајот на август 2023 година.

Би можело да ве интересира

Прогласена епидемија на голема кашлица во Куманово

Катерина Ѓуровски

Дилер од Куманово со нож повредил полицаец

Горан Наумовски

19 годишник дивеел и кршел во полиција во Куманово, нападнал и полицаец

МВР: Приведени се разбојниците кои пукаа и ограбија кумановец

Дефект на трафостаница ги остави кумановци од центарот на градот без струја

Горан Наумовски

Повеќекратно убиство во кумановско: Два сина и мајка застрелани од нејзиниот брат

Орце Костов