Дваесет и двајца ученици со попреченост, запишани во прво и второ одделение од Куманово, добија стипендии во рамки на проектот „Биди Ин, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, информираа денеска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово.
Во општините Липково и Старо Нагоричане, стипендија ќе користат по тројца ученици. На ниво на државата доделени се 287 стипендии во рамки на овој проект, кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ од Тетово, поддржани од Министерството за образование и наука и финансиски од ЕУ.
Исплатата на стипендиите за првите три месеци е веќе почната. Претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска, изјави дека во тешки времиња во услови на пандемија, сите сме изложени на поголеми трошоци, а семејствата на овие деца на уште поголеми.
– Затоа што дечињата со попреченост користат повеќе витамини и овие пари им се поддршка, мала, но сепак многу значајна во овие времиња. Но, поддршката се однесува токму и на институциите односно МОН, бидејќи е донесен нов Закон за инклузивно образование каде што се предвидени токму вакви мерки за поддршка и на семејствата, и на учениците, за да се вклучат еднакво во редовното образование како сите останати дечиња, изјави Димитровска.
Во рамки на проектот обука поминале и 30 тутори кои ќе им бидат поддршка на децата со попреченост, а ќе се спроведат и кампањи за подигање на свеста и промовирање на важноста на инклузивното образование, подобрување на капацитетите на вработените во основните училишта за градење инклузивни образовни средини и подобрување на поддршката и пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост.
– Се надеваме дека идната година дечињата што се во посебни паралелки и во специјални училишта ќе преминат во редовните училишта, а овие форми на образование ќе бидат ресурните центри, како што е зацртано во новиот закон. Понатаму ќе гледаме на поголемо вклучување, прифаќање на оваа категорија, подигање на јавната свест и веќе да нема стигма и предрасуди, туку овие деца да се почувствуваат корисни, да се образуваат заедно со другите деца, за да израснат во луѓе кои самостојно ќе живеат и ќе заработуваат за себе, додаде Димитровска.
Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, финансиран е од Европската Унија. Ќе трае три години – до крајот на август 2023 година.