Пред Собранието се протестира против францускиот предлог речиси еден час, а микрофонот оди од рака на рака кај демонстрантите. Една од нив му се обрати на претседателот на државата Стево Пендаровски кој имаше средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Стево опули се, имаш деца и овој народ немој да те колне, децата патат. Немој Стево, деца имаме, ќе загинам за Македонија. Јас сум од Западна Македонија Стево, Мијачка, како тебе и ти си Мијак. Погледни ме имам 65 години, гајле немам, 10 години се борев со судот и го добив правото. Десет години ме маче и аир да не видат тие што ме мачеа. Опули се, стави дупли наочари Стево ако не гледаш, овој народ е гладен“, рече демонстрантката.
Пред Собранието се скандира „оставка“ и „никогаш северна, само Македонија“, додека внатре во Собранието пратениците го чекаа обраќањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.