Септември. За некого само месец од годината. За некого заоѓање на летото. За некого време да се почне со подготвување зимници. За повеќето почеток на нова учебна година, нови надежи и очекувања, нови таги и радости, нови победи и порази, нова патека кон зреењето.
За мене?! Во образованието сум од 1989 г. (намерно вака велам зашто јас не работам во образование туку секоја моја пора е обоена со него ) .Овој септември сум малку разнишан. Ми се мешаат чувствата.
Од една страна СРЕЌА што ме поттикнува, ми ја засилува енергијата, ми ја облагородува душата. Од друга страна СРАМ што ми ја притиска главата, ми ги влече очите кон црната земја.
Од каде СРЕЌАТА? Последниот августовски ден во МОН се одржа трoчасовна, антологиска средба на десетмина претставници на НП и министерката за образование и наука г-ѓа Рената Тренеска-Дескоска. За првпат после кој-знае колку години, јас и не се сеќавам дека вакво нешто се остварило, наставниците – практичари можеа да ги споделат своите знаења, размислувања и видувања за работата што ја работат, а што има голем удел, ако не и пресуден, во боењето на општеството, на заедницата во која сите живееме, со челниот човек на институцијата што го трасира нивниот пат.
Наидовме на вонредно разбирање и целосно уважување, а низ комуникацијата се чувствуваше колку сите посакуваме да го отвориме ќорсокакот во кој е заглавено образованието. Најголемата надеж доаѓа од ставот на госпоѓата Министер дека токму практичарите ќе бидат носители на реформирањето на унаказеното образование. Стара е вистината – ЛЕКОТ Е ВО СОРАБОТКАТА.
А СРАМОТ?! Комплексен е. Тежок. Станува поцрн кога ќе се сетам какви „сподоби“ ги водат училиштата. Прва лига. Да, да, ама на перницата на Коце – залижаниот. Пред неговата ништожност Залижаниот, се понизни, лигави, чисти правосмукалки за градскиот буџет.
Во своите колективи (а ги сметаат за лична своина ) се хировити, злобни, одмаздољубиви. Училиштата ги наполнија со проѕирни, безлични суштества добро истренирани во нивните ЛГ вештини. Се што се допре до нив, или скапа или е на пат да скапе.
Ех, „Орце“, „Орце“! Што дочека? Во најубавиот ден за учениците, вратите да им ги отвори и да ги „прегрне“ некој чии раце се извалкани со крв. Некој кого сите го гледавме како со другите насилници се обидува да влезе во Собранието и да се докаже пред големата ништожност.
Некој кој мисли дека патриотизам е да ги мразиш другите, да убиваш и да газиш неистомисленици, да и се потсмеваш на човечноста. Уф, уште колку многу причини за мојот срам можам да набројам!!
Би сакал и кај другите мои колеги да се разбуди срамот, да проработи човекот стиснат во некој темен агол на стравот. Зашто на образованието му треба сериозно чистење. Треба да ги исчистиме сите стари инсталации и канали за да може живата вода да допре до нивите на образованието.Срам ми е заради нивното молчење и понизност.
Би сакал и кај вас родители да проработи срамот и да помогнете да се запре понатамошното поганење на нашата иднина. Дигнете го својот глас. Не дозволувајте насилството, злобата и омразата да станат моделот по кој ќе се учат вашите деца. Срам ми е зашто еднаш одамна (чинам тоа беше далечната 2006) фрливме камен во гомненици, па сите останавме испрскани.
Би сакал и останатите одговорни институции порешително да помогнат во расчистувањето на насобраниот смет зашто образовните установи не се место за парадирање на насилници и чувари на бандитски здруженија.
Би сакал и кај тебе г-ѓо Самрак (да, да, токму така би требало да звучи твоето име) да ПРОРАБОТИ СРАМОТ и да почнеш да сфаќаш дека покајанието и простувањето доаѓаат со признавањето на гревот и прифаќањето на последиците, а не со „пилатовско миење на рацете“.
На здраво општество му требаат зрели и одговорни личности. За тоа е потребно ЗДРАВО ОБРАЗОВАНИЕ. А за тоа пак се потребни ЛУЃЕ .
професор Душко Стојановски