Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска се сретнаа со претставници на повеќе од 120 организации, заедници, групи и синдикати од поширокиот граѓански сектор.
На средбата е констатирано дека заеднички е испишана демократска историја во Македонија. Режимот е поразен со пенкало и глас.
-Над 612.000 граѓани гласаа за промени, за слобода, за правда. Во Македонија победи концептот на заедништво и тоа е голема придобивка за државата и за граѓаните. Промените ги постигнавме заедно водејки се од определбата дека секој е важен, рече претседателот Заев.
Претседателот Заев и заменик претседателката Шекеринска ги посочија како вредни сите чекори кон промените, од формирањето на коалицијата Граѓаните за Македонија, Кампот на слободата, придонесот на граѓанскиот сектор при носењето политички важни одлуки за државата во Пржино, Шарената револуција, документите за итни реформски приоритети, вклучувајки ги и сите други заложби на одделните заедници и граѓански групи за решавање на кризите во општеството, предизвикани од страна на недемократската власт.
Се разговараше и за натамошниот развој на настаните на политички план во процесот на демократизација на земјата.
– Извештаите на Прибе и на Европската комисија се основа на нашата Платформа за формирањето на новата Влада. Таа не е официјален документ, но она што за нас е клучно и ќе биде клучно за сите понатамошни политички чекори се потребните реформи нотирани во извештаите на Прибе и на ЕК. Тоа посебно се однесува на владеењето на правото, продолжување на мандатот на СЈО, независно судство и новинарство, департизација на сите државни институции, почитување на принципите на еднаквост на сите граѓани пропишани со Уставот и со потпишаните европските конвенции за човекови права, рече претседателот Заев.
Претседателот Заев изрази очекување дека сите политички субјекти кои освоија пратеници во Парламентот, освен ВМРО-ДПМНЕ, ќе се однесуваат со почит кон јасно изразената мнозинска волја на граѓаните за промени и дека Македонија ќе добие нова одговорна Влада на граѓаните на Република Македонија.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека граѓанскиот сектор мора да остане гласен во критиките и беспоштедно да ја мониторира и контролира новата Влада.