Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Претседателот, е изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи.
– Претседателот Иванов посочи дека за продлабочување на соработката во сите области за кои постои неискористен потенцијал од двете страни, неопходен е континуиран и поинтензивен политички дијалог, средби и контакти на сите нивоа. Македонскиот претседател изрази задоволство од отворањето на Амбасадата на Јапонија во Република Македонија и го поздрави првиот резидентен амбасадор на Јапонија, Кеико Ханеда, се наведува во соопштението.
– Бидејќи политичките односи се развиваат одлично, по отворањето на Амбасадата во Скопје очекуваме засилена економска соработка и поголем интерес на јапонските комапнии, истакнал на средбата претседателот Иванов.
Во таа насока, претседателот Иванов го поздравил и формирањето на јапонско-македонската парламентарна група за пријателство и изразил надеж дека засилената парламентарна соработка ќе придонесе за зголемен интерес на јапонската бизнис заедница за Република Македонија и поволностите што ги нуди.
На средбата, двајцата соговорници искажале интерес за севкупно унапредување на меѓусебната соработка на билатерален и мултилатерален план.
– Јапонија многупати досега го има потврдено пријателството кон Република Македонија, а ние сме многу благодарни за континуираната поддршка преку јапонската техничка помош, како и донациите во хуманитарна помош кои помогнаа за справување со мигрантската криза минатата година, истакнал на средбата претседателот Иванов.
Македонскиот претседател изразил очекување дека наскоро ќе биде склучен и Договорот за техничка соработка, за кој верува дека ќе отвори нови врати на позасилена соработка.
На средбата се разгледани и можностите за продлабочување на соработката во сферата на образованието, при што е изразен интерес за зголемување на бројот на стипендии за македонските студенти.
Двајцата соговорници размениле мислења за стратешките приоритети на двете земји, како и за регионалните и меѓународните состојби.