Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска во партиското седиште во тетовска Мала Речица се сретна со амбасадорот на Република Грција во Скопје, Харис Лалакос информираа од прес службата на ДУИ.
Според соопштението, на средбата Ахмети и Лалакос разговарале околу политичката ситуација во двете земји и регионот. Посебно, се додава, соговорниците се осврнале на интегративниот процес на Македонија во евроатлантските структури и решавањето на прашањето за името како единствена пречка, што стои помеѓу Скопје и Брисел.
Претседателот Ахмети го информираше грчкиот амбасадор околу својата посета во САД и Германија како и напорите од македонска страна за да се реши спорот со името, стои во соопштението.
Од ДУИ сметаат дека затворањето на спорот со јужниот сосед ќе придонесе кон оддржлив мир, стабилност, сигурност, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, но и до економски развој.
– Затоа, претседателот Ахмети смета дека страните треба храбро да разговараат за последниот предлог на посредникот Нимиц и да постигнат компромис во кој и двете страни би биле задоволни, но истовремено овој компромис треба силно да се помогне и од страна на меѓународната заедница, се вели во соопштението од ДУИ.