Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕијас, кој престојува во посета на Република Македонија.
На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција.
Претседателот Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, ја поздравил денешната посета на министерот Коѕиас на Република Македонија, како продолжение на досегашниот дијалог на министерско ниво и апелираше за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба, преку внесување на нови содржини во билатералната соработка и предлагање на дополнителни мерки.
– Најголемата мерка која ќе влијае на меѓусебната доверба и ќе создаде уште подобра атмосфера е ако Грција ги деблокира евроатлантските процеси на Република Македонија и овозможи да не ѝ се ускратува правото на просперитет, истакнал на средбата претседателот Иванов.
Интензивирањето на севкупната соработка меѓу двете земји ќе придонесе во создавањето на позитивна клима, што е неопходно за надминување на билатералната разлика околу името, оцени претседателот Иванов на средбата со грчкиот министер за надворешни работи.
Македонскиот претседател го реафирмираше интересот на Република Македонија за одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателот Иванов изрази надеж за средба со претседателот Прокопис, и покрај неговите чести критики кон Република Македонија, и изрази очекување дека реториката во иднина ќе биде поумерена со цел унапредување на добрососедските односи во духот на европските вредности и стандарди.
Во таа насока, претседателот Иванов изразил очекување дека грчкиот премиер ќе учествува на самитот на Брдо-Бриони Процесот, чиј домаќин идната година ќе биде претседателот Иванов.
– Минатиот период имав можност во повеќе наврати да разговарам со премиерот Ципрас и очекувам таа позитивна динамика на комуникација и соработка, особено за време на мигрантската криза, да продолжи и во наредниот период, како билатерално, така и во однос на проектите од регионално значење, порача претседателот Иванов на средбата.
Двајцата соговорници разменија мислења околу можниот развој на мигрантската криза во идниот период, при што претседателот Иванов изразил подготвеност за продлабочување на соработката меѓу разузнавањето и полициските служби, во подршка на регионалната безбедност за заедничките закани и степенот на закана од илегалната миграција.