Срамно, што уште нема да измислат?

Од:

Не можам мирно да спијам кога дел од лекарите своите внуци или деца ги носат на имунизација во соседството и истото тоа ми го препорачуваат и мене, а една толпа млади родители чека во чекалните во нашите здравствени установи, каде што никој од надлежните не им соопштува што точно мисли за квалитетот на вакцините во Македонија. Велат: „имунизирајте го во соседството“.

Да бидеме јасни до крај: длабока почит за лекарите кои тоа го прават како добронамерен совет. Но, каква душа носат оние кои се сликаат по телевизии, кои на сите ѕвона трубат дека вакцините се безбедни, а на своите пријатели им препорачуваат да не ги примаат во Македонија?!

Моето бебе не е посебно! Моите пријателски релации не треба да бидат поривот да се премолчи оваа тема. Јасно кажувам дека завршив со имунизација на моето дете во оваа земја. Ги прими само првата (за која не бевме прашани) и втората доза од вакцината за заштита од хепатит. Срамно! Што уште нема да измислат? Одговорите им се дека оваа вакцина штитела од дополнителни компликации на црниот дроб, односно превенирала цироза, па како резултат на тоа дури превенирала и рак. За волја на вистината, се’ помина добро (ако не ја земеме предвид дијарејата како нус – ефект). Имунизацијата е важна. Јас ја поимам како нешто што има спасено милиони животи, но денес фармацевтската мафија безмилосно гази се’ пред себе. Јас сум за имунизација, но прашањето е со какви вакцини?!

Поривот за да го напишам ова го добив синоќа, кога на касата во еден од локалните маркети, еден родител купи пелени на кило. Неколку! За сто денари. Ме обзеде чувство на жал. Потоа долго размислував. Сфатив дека можеби на човекот не му недостигаа само пари. Можеби има поголема свест од мене? Можеби јас и мојата сопруга одамна несвесно станавме жртва на маркетингот, па лекомислено веруваме дека за нашето дете е подобро да купиме „премиум“ пелени? Ве уверувам дека и од најдобрите и од најскапите се јавува осип.

Можеби требаше порано да го забележам овој човек и да сфатам дека веројатно немајќи време да истражува на проклетиов интернет, живее далеку посвесно од нас психички „затруените“ и „грижливите“. Сепак, не смее да се игнорира дека сиромаштијата си дошла по своето. Вие, од проектот „трето дете“, знаете ли колку чини храна за бебе? Не ми релативизирајте со споредба колку пари оставаме во кафеани. Кога се работи за основен продукт, тогаш таквите компарации се типични за манипулатори…..

За крај, престанете да ги лажете родителите дека вода во пластично шише е подобра отколку превриената природна и бактериолошки испитана! Престанете да ги лажете родителите дека влажните марамчиња, скапите пени за капење се добри. Не дозволувајте си да бидете жртва на маркетингот и на провизиите што ги земаат лекарите кога препорачуваат одреден бренд.

Што мислите, сега што е фер: актуелниве пеперутки или фармацевтската мафија и нејзините пулени? Полесно е да се пишуваат статуси за пеперутки, тоа одамна го знам…… Но, зарем не е доблесно да се зборува за вакви теми, токму тогаш кога можеш голем дел од работите да си ги дозволиш. Ваквото признание не е снобизам, туку чувство за општествена одговорност, за другиот, за послабиот, за неинформираниот, за немоќниот. Со целиот ризик како ќе бидете (про)толкувани.

Софијанова, Ве гледав пред некое време на утринската програма на ТВ Сител. Лошо пеевте, не знам како готвите, но претпоставувам дека сте добар лекар и човечки Ве прашувам: што препорачувате кога ќе Ве прашаат Ваши блиски – дали своите деца да ги имунизираат со овдешните вакцини?

Дејан Блажески

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска