СПЦ и РПЦ го поздравија ослободувањето на Вранишковски

Од:

Српската и Руската православна црква денеска го поздравија ослободувањето на Јован Вранишковски од затворот Идризово во Скопје.

Вранишковски, како што соопшти СПЦ, во наредните денови ќе отпатува на лекување во Русија, на повик на патријархот Московски и на цела Русија Кирил и со благослов на патријархот српски Иринеј.

– Во Руската и во Српската православа црква сите со благодарност кон Бога го поздравуваат ослободувањето на архиепископот Јован, стои во соопштението објавено на сајтот на СПЦ.

Јован Вранишковски вчера беше пуштен на условен отпуст врз основа на решение на Кривичниот суд во Скопје. Тој првично требаше да биде ослободен на 19 јануари годинава, но остана в затвор по одлуката на Обвинителството да поднесе жалба за неговиот условен отпуст, иако претходно се согласи на тоа.

Ослободувањето доаѓа по посетата на претседателот на Одделението за надворешни црковни работи на Московската патријаршија, митрополитот Иларион во Скопје во декември лани. За време на престојот во Скопје Иларион имаше средби со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и со премиерот Никола Груевски. Иларион во затворот во Идризово се сретна и со Јован Вранишковски.

Синодот на МПЦ-ОА по посетата на владиката Иларион побара од македонските судски власти милост за Вранишковски заради, како што беше наведено, повисоки цели. Македонските владици ја прифатија иницијативата на Руската православна црква, пренесена од митрополитот Иларион, да даде придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква за решавање на отворените прашања кои постојат меѓу двете цркви.

Ослободувањето на Вранишковски беше услов што го поставуваше СПЦ за продолжување на дијалогот со МПЦ.

Македонската православна црква очекува по ослободувањето на Јован Вранишковски, со посредство на РПЦ да бидат продолжени преговорите со СПЦ за нејзината автокефалност.

Поранешниот владика на МПЦ-ОА, а сега митрополит на СПЦ, издржуваше затворска казна од пет години и пет месеци за проневера на 250 илјади евра.

Би можело да ве интересира

Поглаварите на МПЦ – ОА на СПЦ ќе одржат заедничка литургија во Охрид

Катерина Ѓуровски

Поглаварите на МПЦ и на СПЦ во Охрид ќе одржат заедничка архиерејска литургија

Ана Ололовска

ПОА на Вранишковски ќе се интегрира во Синодот на Македонската православна Црква – СПЦ донесе одлука

Почнува Соборот на СПЦ, теми Косово и македонското прашање

Ана Ололовска

Патријархот на СПЦ Порфириј устоличен во Пеќката патријаршија

А1он

Српскиот патријарх му додели Орден на Орбан: Тој се залага за христијански вредносен систем кој извира од Евангелието

А1он