Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ, сам, без ничија помош го искачи четвртиот највисок врв во светот и тоа под тешки временски услови. Поради тешките услови имал и тешки смрзнатини на рацете и откако успеал да се спушти кон пониските кампови здраствената состојба му се влошила па била организирана спасувачка акција за негово извлекување и спасување. Се завршило добро и Здравко за своето патешествие објави пост на социјалните мрежи покажувајќи и фотографии од неговите премрзнати дланки.
Инаку планината Лоце се наоѓа на границата меѓу Непал и Кина. Со 8516 m, е четврта највисока планина во светот по Монт Еверест, К2 и Кангченџунга. Еве што вели Здравко за неговиот подвиг.
„ На ден 19.05 околу 12h, го искачив врвот Lhotse 8516m без да користам помош од други лица (шерпаси) и дополнителен кислород. Врвот го искачив во тешки и неповолни временски услови, пропратено со врнежи, олујни наноси од снег, со јачина на ветар до 50km/h. Поради таквите временски услови јас и другите искачувачи добивме смрзнатини на долни и горните екстремитети. Во одреден момент на висина од 8400m, јас и алжирскиот искачувач Насир и неговиот личен шерпас (кои за цело време користеа дополнителен кислород), бевме принудени 2-2:30h, да останеме во место на таа висина поради силните наноси од снег. На оваа висина бев виден од повеќе качувачи, боливискиот качувач Хуго, шерпасот Лама, еден кинески качувач, и уште двајца кинески качувачи ( кои го прекинаа искачувањето на врвот поради смрзнатини). Од страна на искусниот шерпас Лама бев советуван да се откажеме од искачувањето и да се вратиме во четвртиот камп. Но, ние тројцата сепак продолживме кон врвот. На врвот околу 10 min пред мене беа Насир и неговиот шерпас, кои веќе се симнуваа кога јас пристигнав на врвот. На врвот поради сериозните смрзнатини на прстите неможев веќе смрзнатиот патент од качувачкото одело, да го отворам, да го извадам мобилниот телефон и да направам видеозапис. Заради мојата безбедност и здравствена состојба која веќе почна да се влошува (бев исцрпен и веќе имав изразени смрзнатини на прстите на рацете) неможев долго време да се задржувам на врвот , и веднаш се упатив кон пониските кампови. Се спуштав колку толку успешно се до Yellow Band (вертикални карпи кои се наоѓаат на 7600m), и тоа место е последно нешто на што јас се сеќавам. Од тој момент имало спасувачка акција за мое извлекување до пониските кампови. Спасувачката акција била координирана од шерпасите од 8K тимот, мојата ќерка Стефанија, Славица Атанасовска и Билјана Огнененоска. Сите искачувачи беа дел од 8kexpeditions тимот.“
Ова не е прв подвиг на овој македонски алпинист. Освен што ги има искачено речиси сите планински врвови, пред 9 години, на 24. 03. 2 015 г., алпинистот Здравко Дејановиќ оствари херојски подвиг: го освои врвот Анапурна 1, висок 8 091 мнв., најопасниот, физички најтешкиот, и најмалку искачуваниот врв во светот, со само 192 искачувања.
Објавува и книги за врвовите и искачувањата а во една од нив „Кхан Тенгри – во глечерска стапица“ има напишано –
„ Кога сте сами, кога ви е најтешко и се наоѓате во безизлезна, безнадежна ситуација и чувствувате како полека започнуваат да ви замрзнуваат делови од телото, за да преживеете нема да ви помогнат ни емоциите, ни размислите, ни сеќавањата на најубавите моменти од животот, ни енергијата што ќе ја извлечете од последните резерви на телото…. За да преживеете само ви треба да имате ЦЕЛ.“