Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска оствари работен состанок со началниците на секторите за внатрешни работи и регионалните центри за гранични работи, на кој беа анализирани постигнатите резултати во однос на работата на полицијата во текот на 2020 и почетокот на 2021 година, соопшти МВР.
-Според анализите, ефикасноста на полицијата е зголемена во период од септември 2020 година, односно во период од септември до декември 2020 година, Бирото за јавна безбедност посветено работеше во доменот на криминалистичките истражувања. Во оваа насока извршено е интензивирање и координирање на оперативната активност, зголемена е ефикасноста на криминалистичките истражувања, а исто така зајакнати се и акциските контроли за унапредување на безбедноста во сообраќајот, информира Министерството за внатрешни работи.
МВР посочи дека кон средината на септември воспоставена е и оперативна акција за преземање плански, интензивни активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога на целото подрачје на државата, што резултира со значајни резултати во откривачката функција на полицијата.
-Во рамки на криминалистичко истражување, интензивните активности во борбата против недозволената трговија со дрога, резултираа со заплена на над 711 килограми разновидна наркотична дрога и 4.532 таблети синтетичка дрога. Значително зголемување е евидентирано кај запленетите количини на хашиш, амфетамин, таблети екстази и стебла марихуана. Резултатите во откривачката функција на полицијата, особено се гледаат во спречувањето на меѓународните транспорти, како и реализацијата на поединечни случаи каде се запленети поголема количина на дроги, посочија од министерството.
На состанокот било констатирано дека состојбата со илегалната миграција има придонес во тоа да се воспостави нов начин на организација на безбедносните служби и поинаков начин на постапување при преземање на потребните мерки и интензивирање на активностите за спречување на илегалната миграција.
Констатирани се и значителни резултати во врска со кривични дела во областа на тероризмот насилен екстремизам и радикализам, односно поднесени се вкупно седум кривични пријави против 22 сторители за сторени десет кривични дела и тоа: четири дела „терористичка организација“, три дела „учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“, две дела „тероризам“ и едно дело „помагање“.
МВР информира дека како резултат на интензивните мерки и активности сузбиена е терористичка група од 11 членови, при што пронајдени се се повеќе предмети, знамиња со обележја на ИСИС, оружје и муниција, експлозивни средства и материјали за изработување на импровизирани екплозивни направи.
-Во септември воспоставена е и оперативна акција, заради детектирање и лишување од слобода на лица за кои се распишани централни и меѓународни потерници за сериозни кривични дела. Интензивирањето на активностите во овој дел резултираа со лишување од слобода на 234 лица, кои биле предмет на распишана централна или меѓународна потерница за сериозни кривични дела. Од вкупниот број на случаите, 34 лице биле лишени во странство, додека останатите 200 лица се лишени на наша територија, се вели во соопштението.
Во однос на подобрување на безбедноста на сообраќајот, МВР посочи дека континуирано се преземаа зајакнати мерки, со цел санкционирање на недисциплинираното однесување на учесниците во сообраќајот, а како резултат на тоа намален е бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици и жртви за 2020 година, односно забележани се само 125 жртви во сообраќајни незгоди со тешки последици.