Спасов: Попушта дисциплината во ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Како си дозволи судот, по цели три часа расправа, да не му верува на Никола Груевски дека неговата душевна болка стекната од клеветата на Тито Петковски вреди 15 илјади, туку само 10 илјади евра, прашува универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов во колумна за „Утрински весник“.

Ако се суди според некои настани што се случија во изминатите неколку денови, може да се заклучи, пишува Спасов, дека попушта дисциплината во ВМРО-ДПМНЕ. И бегаат од контрола на нашата владеjачка партија, пред се’ судиите и незвисното судство во Македонија. Во времето кога беше силна дисциплината и кога министерот Михајло Маневски си ја вршеше добро работата, за клевета на премиерот, Љубомир Фрчкоски беше осуден и казнет со 30 илјади евра. Сега судот си дозволи, по цели три часа расправа, да не му верува на Никола Груевски дека неговата душевна болка стекната од клеветата на Тито Петковски вреди 15 илјади евра, туку му додели само нешто повеќе од 10 илјади. Јас како граѓанин се прашувам кој е тој суд да не му верува на премиерот дека толку чини неговата душевна болка и му плаќа само за две третини од болката.

Спасов ги посочува примерите на Љубе Бошкоски, за кого вели наместо да добие доживотен, осуден е „само“ на 12 години затвор, и констатира, Никола Груевски со право може да биде незадоволен од ваквото однесување на независното судство во Македонија, но и од бранителите во 2001 година, кога тој беше министер за финансии. Бидејќи му дојдоа преку глава Стојанче Ангелов и сличните на него кои бараат некакви права, тој го постави за министер на одбраната на Република Македонија, командантот Форина, или Талал Џафери, кој толку елегантно со читање на поезија од Ацо Шопов го блокираше донесувањето на патриотскиот Закон за бранителите. Командантот на ОНА, Али Ахмети и началникот на генаралштабот на ОНА, се денес амнестирани учесници во таа војна, угледни пратеници и коалициски партнери на Груевски.

„Кога вториот национален херој од војната во 2001 година, Јохан Тарчуловски виде што му се случи на Љубе Бошкоски, прво што направи по враќањето беше полагањето испити на Земјоделскиот факултет во Штип каде што се очекува пристигнувањето на 6.000 крави од Субрата Рој кои Македонија ќе ги добие според системот на размена: „Света земја за свети крави“. Најголемата политичка активност на Тарчуловски, според медиумите, за сега му е подготвувањето на коњаниците кои од селото Лисиче треба да тргнат и да стигнат на Мечкин Камен за Илинден. Но, Груевски се чини дека воопшто не е задоволен од тоа како му функционираат работите во земјата и според неговите потези решил конечно голем дел од работите да ги земе лично во свои раце. Прво го искара оној владиката Пимен кој му се замеша на Агатангел во црковната мисија во општината Центар. Потоа одвои два три часа за судско рочиште со Тито Петковски, кој му нанел душевна болка со тврдењето дека некогаш, некаде прифатил некаков компромис за името со Грција, и откако виде дека економијата не мрднува од место, ја продолжи мисијата во својство на трговски патник по светот, да ја нуди Македонија како рај за инвестирање и земја во која инвестира и еден бизнисмен како Субрата Рој чиј син стана наш државјанин заради национални заслуги во економскиот развој“, пишува Спасов.

Но и тоа е само мал дел од летните активности на премиерот. Откако виде дека командантот Али сериозно се зафати со решавањето на проблемот околу името, но и со уредувањето на односите со Бугарија, а Бесими го примаат на разговори во Атина како што ја примаа и Теута Арифи, тој седна и му напиша остро писмо на грчкиот премиер Самарас. Во писмото јасно и гласно му кажа на Самарас дека џабе ги прима Бесими. Ако си маж, му вели Груевски на Самарас, ајде излези надвор со мене и јас и ти да го решиме проблемот, на највисоко ниво како што му доликува на еден таков проблем, а не да се криеме двајцата зад Василакис и Јолевски и да го зафркаваме Метју Нимиц како до сега. По ваквото остро писмо, во кое стана јасно дека премиерот Груевски решил конечно судбината на македонскиот народ да ја земе во свои раце грчката страна занеме.

На социјалните мрежи се пуштија муабети дека грчкиот премиер по тајни канали побарал некој знак од Македонија дека ќе престане да копа по античкото минато. Утредента беше уапсен Паско Кузман кој ги постави античките споменици пред Владата и откри многу докази во врска со нашето античко минато. Но изгледа тоа не било доволно. Од дипломатски извори, „Дневник“, а не „Вечер“, кој обично прв дознава, дознал дека стигнал одговор на писмото. Во него Самарас рекол дека шефови на држави и влади обично не преговараат туку откако се’ ќе биде договорено тие ќе се состанат за да го потпишат тоа што е договорено и да ја земат славата за постигнатото. Оттаму, тој не гледал потреба од таков вид средби, разговори и фото-сесии какви што посакува Груевски. Од ваквиот одговор Груевски заклучил дека со својата храброст и понуда го истерал Самарас, но и домашните предавници на чистина кои тврделе дека не е проблем само Грција за нашето неинтегрирање туку и ЕУ.

Борут Пахор дојде во Скопје и кажа дека за кавга и за мир биле потребни двајца, или со други зборови не само Грција туку, веројатно, и Македонија си има вина за нерашавањето на овој проблем. Сите очекувавме дека Груевски и Иванов ќе му речат на гостинот: „Па ако знаеш како да се реши, дај предлог“, како што Владата и’ повторува постојано на опозицијата и останатите домашни предавници. Но, тие молчеа и словенечкиот претседател им рече: „ Ако сакате да биде решен тој проблем и да ви помогнеме дајте до крајот на јули барем еден убедлив предлог“. Ете, заради тоа неговиот настап е оценет како безобразен и недипломатски во Македонија.

Зар и ти сине Б(о)руте, му довикуваат патриотите на глас. А тој, Борут Пахор и не свесен дека за таква изјава да беше наш политичар до сега ќе му најдеа и кодошко минато и веќе ќе беше лустриран од семоќниот Аџиев а на нашата национална телевизија, на општо задоволство од избирачите ќе се читаа писма, од документите на УДБ-а на некој негов роднина кој работел во полицијата и прераскажувал муабети од семејните седенки и разговори. Но, никогаш не е доцна. Со следните промени во Законот за лустрација ќе бидат веројатно опфатени и странските државници на општ подбив од светската јавност, стои во колумната на Спасов.

Ѓорѓи Спасов

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска