Советот на обвинители нема веднаш да избере замена за Јанева, ќе утврдува дали работела несовесно

Од:

Советот на јавните обвинители чека официјално известување дека шефицата на СЈО, Катица Јанева, е осомничена и притворена во случајот „Рекет“ за потоа на седница да дискутира по прашањето дали таа несовесно и незаконски ја вршела функцијата и дали ќе иницираат постапка за разрешување на обвинителката, велат извори од Советот за „А1он“. Претседателот на Советот, Коле Штерјев, испратил писмо до шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, и до државниот обвинител Љубомир Јовески, па кога ќе добие одговор, ќе свика седница.

Од Советот на обвинителите за „А1он“ објаснуваат дека и да заседаваат истиот ден кога ќе добијат одговор, постапката не може да се реши веднаш бидејќи за да почнат процедура за прекин на мандатот на Јанева, треба да соберат повеќе информации кои би ја поткрепиле тезата дека таа работела спротивно на законите и тоа да го наведат во извештајот, што подоцна како предлог би го доставиле до Собранието.

Од Обвинителството за организиран криминал велат дека до крајот на денот или утре до Советот на обвинителите ќе достават извештај хронолошки со детален преглед на дејствата што се преземени од страна на Обвинителствтото.

„По барање на Советот, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција подготвува преглед на настаните и преземените дејства, што треба да биде составен дел на известувањето упатено до Советот. Со оглед на тоа што во текот на предистражната и истражната постапка од страна на ОЈО ГОКК беа преземени низа дејства, Обвинителството прегледот ќе го достави до Советот во текот на денешниот ден или утре наутро“, соопштија од Обвинителството за организиран криминал.

Во врска со назначувањето вршител на должност во СЈО, повеќето од членовите на Советот сметаат дека не може едноставно да се примени Законот за јавното обвинителство како што повика обвинителот Јовески од причина што законот за СЈО и изборот на Јанева е консензус меѓу политичките партии.

Сличен став има и претседателот на собраниската Комисија за изборите и именувањата, Илија Димовски, кој вели дека Советот на обивнителите во постапката на разрешување може да постапува само како предлагач, односно да достави извештај до Собранието за утврдено незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата СЈО, а конечната одлука ја носи Собранието.

„Во двете постапки (и избор и назначување) Собранието на Република Македонија и Комисија за прашања на изборите и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката. Советот на јавните обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и Бадинтерово мнозинство“, напиша Димовски на „Фејсбук“.

Обвинителот Јовески, пак, вчера на прес-конференција рече дека во Законот за Јавното обвинителство постои одредба по која Советот на јавните обвинители е надлежен да определи вршител на должност.

„Доколку јавниот обвинител на обвинителството со кое раководи е спречен да ја врши работата, тогаш Советот на јавните обвинители ќе го констатира тоа и веднаш треба да определи еден обвинител од редот на обвинители од ова јавно обвинителство, кој ќе раководи со тоа обвинителство. За тоа има законски основи бидејќи во Законот за специјалното јавно овинителство во завршните одредби има одредба што пропишува дека доколку одредени случаи не се поинаку регулирани, се применува Законот за Јавното обвинителство“, изјави Јовески.

Специјалната обвинителка Катица Јанева од вчера е во притвор по барање на Обвинителството за организиран криминал како осомничена дека ја злоупотребила службената положба во случајот „Рекет“. Јанева беше избрана за шефица на СЈО во 2015 година и нејзиниот мандат истекува на 15 септември.

Би можело да ве интересира

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

Обвинителката Зорица Павловиќ од ОЈО Скопје избрана за член на Советот на јавни обвинители

Ниту измените во Кривичниот законик, ниту најавената амнестија не ја опфаќаат Катица Јанева

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Пендаровски одби да ја помилува Катица Јанева

Орце Костов

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски