Советот на Амбасадори го смета насилството врз жените за најфлагрантно кршење на човековите права, и изразувајќи најостра осуда кон овој вид на насилство, ги поддржува активностите преземени во нашата земја во текот на 16 дена активизам во рамки на кампањата против родовото насилство на UN Women.
Подигнување на свесноста и активирање на сите чинители во борбата против насилството врз жените е особено значајна во екот на пандемијата со Ковид-19, кога на глобално ниво е регистриран загрижувачки пораст на овој вид насилство (т.н. пандемија во сенка). За сериозноста на проблемот доволно зборува фактот дека во светски рамки една од три жени е жртва на психичко или физичко насилство, што претставува едно од најраспространетите и воедно најмалку препознаените прекршувања на човековите права, чие искоренување станува стратешка задача на секоја држава, велат од Советот на Амбасадори.
Во овој контекст, Советот на Амбасадори изразува згрозување и најостра осуда за инцидентот во Македонската амбасада во Камбера, Австралија, кога член на семејство на вработен се заканил по живот на в.д. амбасадорката.
Советот на Амбасадори го повикува МНР да излезе со најостра реакција за настанот и да превземе соодветни дејствија за казнување на сторителот на насилството, препознавајќи ја важноста за заштита не само на жените, туку и на сите вработени во дипломатските претставништва, како и на достоинствотото на дипломатската професија и државата.
Воедно, ова е вистински момент Советот на Амбасадори повторно да укаже на значењето од селекција на квалитетен и професионален дипломатски кадар, кој поседува капацитет, свесност и одговорност да ја претставува државата на достоинствен начин во светот, се наведува во соопштението на Советот на Амбасадори.