Сопственикот на автопревозникот Беса Транс, Беким Хаџиу, преку својот Фејсбук профил по поминати пет дена, изрази сочувство на семејствата на настраданите во сообраќајката во Бугарија, кога 45 македонски граѓани ги загубија животите.
„Алах да им даде рај на починатите, а на повредените што поскоро опоравување. Овие зборови ги кажувам со жалење и со повредено срце. Тие беа исто така наше семејство, бидејќи секогаш кога патувавме и патниците ги сметавме за фамилија. Четири дена бевме заедно во Истанбул и забележав дека повеќето и порано доаѓале со нас на тури со нашите автобуси за Истанбул. Овие тестови се од Алах и верувам дека се прифатени од секој верник, неговата волја не може да биде променета ни за минута и бараме од Алах никого да не тестира”, напиша Хаџиу на Фејсбук.
Во несреќата што се случи рано изутрина, на 23 ноември на автопатот „Струма“, загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување, откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.
Државниот инспекторат за транспорт не можеше да го пронајде сопственикот на „Беса Транс“, по што ја запечати канцеларијата на компанијата.
На „Беса Транс“ и е одземена и лиценцата за работа, со оглед дека автобусот кој се запали и во кој настрадаа 45 луѓе оваа година имал 113 влез-излез од земјава, и притоа користел или туѓа дозвола за меѓународен превоз на патници или била покажувана лиценцата за работа на компанијата.
Обвинителството отвори предмет за „Беса Транс“ со цел да се расчистат сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот до тоа како поминувал преку границите.