Сопствениците на „Бучим“ дел од меѓународен скандал за перење пари, 1,9 милијарда долари преместени во сомнителни фондови

Од:

Компанијата „Солвеј инвестмент груп“, сопственик на рудникот „Бучим“ кај нас, е дел од меѓународен скандал за перење пари за кој веќе две недели објавуваат повеќе медиуми во светот. Репортерите на меѓународната истражувачка мрежа „Забранети приказни“ објавија дека „Солвеј“ и 23 компании поврзани со нив во периодот помеѓу 2007 и 2015 година направиле стотици трансакции во вредност од 1,9 милијарда долари означени како сомнителни. Податоците од банките со кои работеле излегоа на шведскиот радиодифузер СВТ, а новинарите ги истражуваа како дел од проектот „Рударски тајни“.

„Повеќето од трансакциите биле опишани како плаќања за заеми. Записите покажуваат дека некои од компаниите ги пренесувале помеѓу себе или извршиле неколку плаќања во истата недела или ден цитирајќи исти или слично именувани договори“, објави мрежата „Забранети приказни“, а експертите против перење пари, кои за нив анализирале дел од податоците, потврдиле дека тоа се трансфери за кои треба да се кренат црвени знамиња оти е нејасно зошто некои од компаниите истовремено и давале и земале заеми.

Репортерите откриле дека не е јасно од каде потекнуваат преместените 1,9 милијарда долари, ниту зошто „Солвеј“ на тој начин ги преместувал од една да друга сметка. Прегледот, пак, на стари банкарски записи од претходните истраги на меѓународната репортерска мрежа за организиран криминал и корупција покажал дека 23-те компании поврзани во рударската група имаат трансакции со други компании што се користеле во руски даночни затајувања и скандали со перење пари.

Компанијата „Солвеј“, според објавите, негира дека е вклучена во незаконски трансакции тврдејќи дека дејствува строго во согласност со важечките национални закони и меѓународните регулативи.

„’Солвеј инвестмент груп’ цврсто ги отфрла обвинувањата за перење пари и корупција. Ниту едно обвинение не било поведено против нас од страна на никакви финансиски и регулаторни тела“, стои во објавената изјава од компанијата.

По објавувањето низа приказни од проектот „Рударски тајни“, на почетокот на месецот „Солвеј“ објави соопштение дека ги отфрла обвинувањата и додаде дека компанијата ги напуштила сите свои инвестиции во Русија.

Слично соопштение до нашите медиуми испрати и рудникот „Бучим“. Во него демантира дека има руско потекло на капиталот откога некои од медиумите кај нас објавија таква информација. Тоа што управители на „Бучим“ се лица со руско државјанство не значи дека компанијата е руска, објаснија. Преку истото соопштение известија и дека ги прекинале сите инвестициски и оперативни активности во Русија и го осудија рускиот напад на Украина.

Управата на рудникот „Бучим“ не одговори на прашањата од „А1он“ за финансискиот скандал за кој пишуваат „Забранети приказни“ испратени на нивната официјална имејл-адреса.

Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, вели дека тие немаат предмет поврзан со „Солвеј инвестмент груп“, но нагласува дека кај нас затајува проверката на изнесувањето пари од земјата и не се проверува потеклото на парите што се внесуваат како инвестиции.

„Што се однесува до општото прашање за перење пари, очигледно е дека системите за усогласеност (compliance) во банкарскиот сектор не функционираат како што треба. Не се спроведува засилена контрола на политички експонирани лица кои непречено изнесуваат пари преку банките во земјите во кои може непречено да формираат прикриени компании. Она на што досега повеќепати сме укажале е дека не се проверуваат вистинските сопственици на компаниите што се јавуваат како инвеститори и не се проверува потеклото на средствата што се внесуваат како инвестиции. Тоа е веќе доволно за перење пари“, изјави претседателката Тасева за „А1он“.

„Солвеј инвестмент груп“ го купи рудникот „Бучим“ во 2005 година и, како што самите известија, во него инвестирале 78 милиони евра за модернизација и подобрување на технолошкиот процес и опремата.

Би можело да ве интересира

Апсења за измама во Прилеп: Осомничените фиктивно вработувале бремени жени и переле пари

Орце Костов

Петмина ќе одговараат за перење пари за спомениците за Скопје 2014

Орце Костов

Акција „Синџир“: 28 фирми переле пари и затајувале данок – испрале над седум милиони евра

Анита Петровска Рајковиќ

Тодоровиќ потпишувал и група од 15 лица переле пари преку Италија – со Воинот на коњ, лавовите проневериле над 16 милиони евра

Анита Петровска Рајковиќ

„Бучим“ ги отфрла наводите за перење пари и корупција, групацијата вклучена во борбата против корупција

Ден на жалост во Радовиш по загинувањето на двајцата алпинисти