Во Собранието денеска треба да биде формирана Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија.
Основањето на Комисијата е на дневен ред на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Според претседателот Зоран Илиоски, Комисијата за основаноста на предлогот за импичмент на претседателот ќе брои 11 члена, и ќе го отсликува составот во Парламентот. Мнозинството ќе има претседател и пет члена, и опозицијата пет члена. За седум дена Комисијата треба да достави еден вид извештај до претседателот на Парламентот за тоа дали е основан или не е Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија. По ова претседателот на Парламентот треба да закаже седница, на која пратениците со двотретинско мнозинство ќе се изјасни за него.
Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија е поднесен од страна на опозициските пратеници, додека ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека нема да го поддржи импичментот.
Доколку предлогот биде изгласан во Собранието, за него треба да се произнесе и Уставниот суд.