Собранието не знае, нема листа кои пратеници гласале за легализација на дивоградбите

Од:

Јавноста не може да дознае кој пратеник гласал „за“ кој „против“ или бил “воздржан“ за Законот за дивоградби, затоа што како што велат од Собранието, пратениците гласаат со картони, а не електронски и не изготуваат листинг со имињата на пратениците.

„А1он“ во обид да дојде до информации кои пратеници го поддржале законот за дивоградбите, доби одговор дека оваа листа на пратеници нема да биде доспапна додека Собранието заседава во услови на пандемија, затоа што, како што велат, нема техничка опрема со која би се овозможила ова статистика, а гласовите ги пребројуваат собраниските служби. Во моментов, можело да се знае само колкава е бројката на пратеници кои гласале и колкумина од нив биле „за“, а колку „против“.

„Во услови на пандемија, единствено може да се види на видеопреносот на собранискиот канал или на одложената видеоснимка која се прикачува од страна на службите, неколку дена по завршувањето на седницата. За жал во овие услови нема технички можности со кои би имале статистика кој пратеник гласал „за“ кој „против“. Кога пратениците ќе се вратат во салата „Македонија“, а тоа ќе биде наскоро, според мои сознанија од месец јули, оваа информација повторно ќе биде достапна на граѓаните и медиумите, затоа што гласањето ќе биде со притискање на елекронскиот уред“, информираше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

Според собраниски извори, против законот за легализација на дивоградбите гласале двајцата пратеници на ДОМ Мирослав Богдановски и Маја Морачанин, Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ, Халил Снопче од Алијанса за Албанците и Борис Крмов од Левица. Воздржани биле тројца пратеници од Алијанса за Албанците, а 72 -ца пратеници дадоа зелено светло од СДСМ, ДУИ, дел од Алијанса и над 20 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

За законот воопшто не гласале пратениците Боби Мојсоски и Моника Зајкова, кои беа потписници на иницијативата до Претседателот Пендаровски да не го потпише указот за законот. Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ и Павле Трајнов од Демократски Созуз останале на седницата, но воопшто не гласале.

Според пратеникот Мирослав Богдановски, законот за легализација на дивоградбите без проблем поминал и на Комисијата за транспорт и врски, каде го поддржале осуммина пратеници и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а што само тој бил против.

Како што дознава „А1он“, условот на опозицијата да се согласи да даде зелено светло за законот бил прифаќање на поднесениот амандман со кој тие барале амнестија, односно запирање на сите постапки пред судот против лицата кои бесправно изградиле објекти.

Овој политички договор наиде на голем отпор кај група пратеници кои ја покренаа иницијативата до Пендаровски и побараа да не го потпише указот на законот за легализација на дивоградбите. Претседателот тоа и го направи – денеска одби да стави потпис, со образложение дека законот е во спротивност со Уставот.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови