Собранието ги разгледа годишните извештаи на ДКСК и на Народниот правобранител за 2019 година

Од:

Собранието доцна попладнево ги разгледа годишните извештаи на Државната комисија за спречување на корупција и на Народниот правобранител за 2019 година. Поради немање кворум, гласањето по извештаите ќе биде дополнително закажано.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, образложувајќи го извештајот, рече дека зголемените и зајакнатите ингеренции на ДКСК ги зголемиле и очекувањата на јавноста дека се зајакнати инструментите и потребните предуслови за поефикасна превенција и борба против корупцијата во услови кога земјата се соочува со широко распространета корупција во сите сегменти на општествено живеење.

– Во период од 10 месеци, до ДКСК беа доставени 1172 пријави од граѓани, здруженија, институции, со сомневања за постоење на коруптивно однесување, злоупотреба на јавната функција, постоење на судир на интереси, отвори и 245 предмети по сопствена иницијатива. Бројот на примени пријави и отворени предмети во 2019 година е поголем од вкупниот број пријави примени во ДКСК во последните пет години. Имајќи ја предвид содржината на доставените пријави, кои во голема мера се однесуваат на остварување на индивидуалните права на подносителите, може да се извлече заклучок дека тоа пред сè се должи на изгубената доверба на граѓаните во институциите на системот, истакна Ивановска, кој потенцира дека ДКСК постапува неселективно.

Пратениците од мнозинството задоволни од работата на ДКСК, која, како што рекоа, речиси воопшто не била активна со претходниот состав.

Во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2019 година, е забележано дека истите проблеми на граѓаните се провлекуваат со години.

– Статистиката покажува дека и минатата година проблемите со кои се соочуваа граѓаните во остварувањето на нивните права во глобала остануваат исти иако се бележи пораст на претставките во областите социјала, здравство и правата на детето. Неспорен е впечатокот дека и натаму најмногу поплаки има за работата на извршителите. Проблемите тука со години остануваа исти. Граѓаните најмногу се жалат дека не биле известени за иницирање на постапките за извршување заради што биле принудени да платат неколкукратно повеќе средства од она што им се појавувало како долг. Кога станува збор за областа правосудство, за жал, како и минатата година присутна е пракса на лоша комуникација помеѓу органите на државната управа и управното судство, која е на штета на ефективна правда, па граѓаните и натаму се принудени со години да чекаат на остварување на своите права, стои во заклучокот на Народниот правобранител.

Во извештајот на Oмбудсманот се истакнува и дека нема поместувања ниту во областа на имотно-правните односи, каде денационализацијата и понатаму останува „приказна без крај“. Во него, исто така, се нагласува дека дискриминацијата, по сите основи, особено мобингот е и натаму присутна во општеството, а правата по работниот однос се прекршуваат.

Пратениците од опозицијата забележаа дека во салата нема ниту еден претставник на Владата, за да слушне за што најмногу се жалат граѓаните.

Собранието ќе продолжи утре со работа во 12 часот.

Би можело да ве интересира

Џафери: Собранието треба да се деблокира на секое ниво, без условувања и ултиматуми

Жарко Настоски

Велковски: ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе одблокира и други закони

Жарко Настоски

ДКСК: Оставката на Рашковски не влијае на работата по предметите

Ана Ололовска

Џафери на вонредна средба со координаторите на пратеничките групи

Ана Ололовска

Народен правобранител: Граѓаните во услови на пандемија имаат проблем со остварување на правото на надоместок на помош и нега од друго лице

Ана Ололовска

Законите од петтиот антикризен пакет пред членовите на собраниските комисии

Ана Ололовска