Демократската партија на Албанците (ДПА) денеска во Гостивар на редовно собрание на централното претседателство донесе повеќе одлуки што ќе бидат спроведени во наредниот период. Меѓу поважните се намалување на бројот на членови на централното претседателство и промени и регрутирања во ограноците, кои на изборите имале послаби резултати.
Претседателот на ДПА Мендух Тачи на новинарско прашање ја прокоментира завчерашната средба помеѓу првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, и рече дека од неа не произлегло ништо значајно.
– СДСМ е пред распаѓање и ќе му треба сериозна реорганзиација, изјави Тачи.
Лидерот на ДПА нагласи дека би прифатил евентуални средби со Груевски и Заев, но дека во овој момент нема за што да се разговара.
Со огранокот на ДПА во Гостивар од денеска ќе раководи Рушит Веапи, на местото на Газменд Алиј, кој се очекува да влезе во потесното раководство на партијата.