Собор на Македонските светители – Заеднички празник на сите македонски светители

Од:

Македонската православна црква ја одредила првата недела од месецот октомври како заеднички празник на сите македонски светители. Иако тие си имаат и свои посебни празници, (по еден или повеќе), овој ден е одреден за заедничко сеќавање на сите македонски светители кои во изминатите два милениума на најразлични начини придонесле за афирмацијата на христијанството на овие простори, но и многу пошироко.

Македонските светители се подвизувале на ист начин како и другите од христијанскиот свет, македонските маченици страдале исто како и другите светители и на тој начин се доближувале до својот Спасител. Затоа денес никој нема право на македонскиот народ да му го оспорува правото на своја афтокефална црква, во која на свој јазик ќе ги слави не само своите туку и сите други општохристијански светци. Зашто, како што рекол св. Кирил Филозоф во расправата со тријазичниците: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво?…“

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ којашто е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евангелието“. (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“. (Дела 16- 15) Потоа и повеќе други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа.

Оттука може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот.

Но, не било лесно да се победат и искоренат старите верувања и суеверија. Битката меѓу старите наследени традиции и сфаќања од една страна и новите правила на живеење што ги пропишувало христијанството од друга страна, била долга и трае до денес, цели два милениума. Така и денес во македонските обичаи среќаваме повеќе слоеви на народната култура, а христијанството го има доминантното место. Денес со големи и масовни свечености се празнуваат големите Господови празници, потоа празниците на Божјата мајка Пресвета Богородица, македонскиот народ ги прифатил како свои и го празнува споменот на повеќе општохристијански светители (св. Георгиј, св. Димитриј, св. Петка, св. Никола, св. Архангел Михаил и многу други). Многу функции на старите словенски божества (на врховниот бог, на богот на водите, богот на стоката итн.) се пренесени врз новите христијанските светители. Така, многу од нив станале покровители или заштитници на поедини семејства, но и на одделни занаети.

Но, во текот на многуте векови за христијанството страдале и повеќе личности од ова поднебје, па така денес македонскиот народ со посебна почит го празнува споменот на повеќе свои светители (светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски чудотворци, пустиножителите: св. Прохор Пчињски, св. Гаврил Лесновски, св. Јоаким Осоговски, мачениците: св. Ѓорѓи Кратовски, св. Злата Мегленска, св. Спасе Радовишки и многу други).

На наш терен, односно во Македонија се подвизувале и страдале и некои други светци коишто потекнуваат од други краишта, како што се св. Еразмо Охридски, св. Јован Владимир (зетот на цар Самоил) и др. а овде се развил и култот и на некои други светители како што бил св. Ахил Лариски, чии мошти царот Самуил ги пренесол од Лариса на островото во Преспанското Езеро кое и името го добило по овој светец.

Значи, не се без основа тврдењата дека Македонија е библиска земја, дека на овој терен христијанството се ширело од неговата појава, дека на овој терен за Христа Бога страдале и многумина Македонци чиј спомен македонскиот народ достојно го почитува и слави.

Би можело да ве интересира

Осум продолжени викенди за сите граѓани во 2024

Влада: Мерката за замрзнати цени продолжена до 31 јануари поради празниците

A1on

Петок пред Духовден неработен ден за граѓаните од православна вероисповед

Ана Ололовска

Денот на сесловенските просветители неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска

Националниот ден на Власите, 23 мај – неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница

Ана Ололовска

Првиот ден на Рамазан Бајрам неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска