Со три фирми на Мијалков и син му Јордан тешки 11 милиони евра, се бара слободата за ексдиректорот на УБК

Од:

Три од осум фирми во сопственост на Мијалкови, со имот вреден 10.8 милиони евра, треба да го извадат ексдиректорот на УБК од затворот „Скопје“ во Шутка, дознава „А1он“. Гаранцијата се состои од објекти, но и бензински пумпи и депоа за чување деривати. Една од фирмите е сопственост на Сашо Мијалков, втората е на неговиот поголем син Јордан Мијалков, а кај третата како сопственик се јавува фирмата на Јордан Мијалков и Александар Ивановски, познат како Алек Теранова.

Фирмата „Спин груп“, која гарантира дека Сашо Мијалков нема да избега, е единствена компанија која во Централниот регистар е запишана на негово име. Дејност од која фирмата остварува приходи е подготовка и послужување со пијалаци, а непознато е каде е сопственик и со каков имот располага. Мијалков станува сопственик во 2017 година. Втората фирма е „Бест веј инвестмент ДОО Скопје“, која тргува со моторни горива, а беше отворена во 2015 година од тогаш 21-годишниот Јордан и малолетниот Александар, синови на Мијалков. Преку оваа фирма, Јордан Мијалков, со две бензиски пумпи и едно депо за бензин, гарантирал дека неговиот татко нема да избега ако биде пуштен од затворот во Шуто Оризари.

„Имотот на ‘Бест веј инвестмент’ ДОО Скопје што е предложен како гаранција е под хипотека во Комерцијална банка. До предметниот обвинител банката достави согласност заложното право на имотот да биде на државата од прв ред, додека на банката да биде од втор ред“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Токму оваа фирма, шест години по основањето, станува сопственик на пет фирми, меѓу кои и на „Дивелоп груп ДОО Скопје“ основана со паричен влог од над 541 илјади евра, каде косопственик е Александар Ивановски, познат како Алек Теранова. Оваа фирма е и третата фирма која гарантира за Мијалков да излезе на слобода. Јавноста за „Дивелоп груп“ знае пред повеќе од десет години, кога фирмата ја изгради, а потоа ја продаде зградата на плоштад која сега е сопственост на „Телеком“. Удел во неа од 2017 до 2018 година имаше „Орка холдинг“ на Орце Камчев, за потоа сопствеништвото да се пренесе на „Бест веј инвесмент“ на Јордан Мијалков. Во своја сопственост оваа фирма го има и хотелот „Мериот“ на плоштадот „Македонија“.

„Хотелот ‘Мериот’ не е содржан во предлозите за гаранција, ниту имотот на ‘Макс бет’ ДОО Скопје. Во документацијата со која располага предметниот обвинител нема податоци што укажуваат дека предложениот имот е со каков било товар од страна на судот или друго лице“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Гаранцијата од овие три фирми во вредност од 10.8 милиони евра сега е пред скопска Апелација. Судиите ќе треба да одлучат дали овој капитал е доволен за да гарантира дека Сашо Мијалков нема да избега од Македонија и ќе биде достапен за правосудните органи. Претходно, обвинителот Артан Ајро, кој го води случајот „Трезор“, беше убеден дека гаранцијата е доволна за кривичниот суд да го пушти Мијалков. Според Ајро, присуството на Мијалков ќе биде обезбедено и со поблага мерка.

„Од страна на обвинителот е предложено доколку се прифати понудената гаранција, за обезбедување присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата,  судот да му определи други мерки на претпазливост, односно обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, кажаа од Обвинителството.

Крајната одлука дали Сашо Мијалков со помош на капиталот од овие три фирми, од вкупно осум кои ги поседуваат Мијлакови, ќе излезе да се брани од слобода, ќе ја донесе Апелација.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Со ослободувањето на Мијалков и „алфите“, судијката Александра Ристеска ја демонтира третата „бомба“ на Заев

Маја Илиевска-Пачемска

Мијалков од затворот во Шутo Оризари пренесен во „Систина“

Кристијан Ландов

Мијалков останува во затворот во Шутка, милионите не се гаранција дека нема да избега

Ленче Ристовска не утврди вина кај никого за бегството на Сашо Мијалков

Катерина Павлова-Николовска

Рустеми контра Ајро, смета дека милионите на Мијалков не гарантираат дека нема да избега

Кристијан Ландов

Фирми дале 11 милиони евра гаранција за Мијалков да излезе од Шутка, институциите незаинтересирани чии се парите