Трка и нервози во законодавниот дом. Се предлагаат и повлекуваат закони, се закажуваат и презакажуваат пленарни седници и седници на работните тела. За денеска се закажани 4 комисиски дебати и собраниска седница. Само што го изгласаа првото читање на Предлог на закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси и закажаа Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците да го гледа законот во втора фаза, мнозинството се премисли и поради големиот број амандмани, денеска на седница ќе се разгледува Предлог на закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по скратена постапка, поднесен од група пратеници од СДСМ и коалицијата и од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ со соопштение реагираше дека СДСМ и владејачкото мнозинство продолжуваат да ја погазуваат парламентарната демократија и дебатата во Собранието. Според опозицијата во Собранието, по скратена постапка поднесени се два значајни закона, и тоа измени и дополнувања на Кривичниот законик, како и целосно нов закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Ова е шверцерски начин на носење два значајни закона во државата, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
А1он и Макфакс веќе пишува дека во Собранието се „подготвува“ нов договор за менување на Кривичниот законик, во делот кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки.
Проценките, според партиски извори се дека со ова ќе се создаде можност да се протне амнестија низ мала врата, односно дека ќе се отвори можноста десетици обвинети или осомничени во предмети на СЈО да добијат пониски казни.
Ќе се менува член 353 став 5 од Кривичниот законик, по кој меѓудругите се осомничени и Елизабета Канческа-Милевска за случајот „Тендери“, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски во „Трезор“, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески во „Траекторија“. Според измените, кои се договараа минатата недела, тие би добиле поблаги казни или би биле ослободени од гонење.
Овие измени во Законот се во име на „помирувањето“ и гласањето на уставните измени и реформските закони.
ВМРО-ДПМНЕ, како што објавија медиумите, на лидерските средби барала намалување на затворските казни за делото злоупотреба на службената положба, што беше протолкувано како можност да застарат делата против дел од обвинетите од СЈО. Од опозицијата објаснуваа дека измените се предлагаат со цел да се се прецизира делото за да нема прешироко толкување и недоречености.
СДСМ не прифаќаше ваков предлог. Какво ќе биде сега новото законско решение и дали Канческа-Милевска и бизнисменот Кочан, преку гласот на пратеникот Рамчиловиќ ќе се спасат од обвиненијата на СЈО, ќе се види денеска на седницата.