Во организација на Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје по 21 пат ќе бидат организирани бадникарските свечености за 2013 година. Манифестацијата почнува денеска со сечење бадникови гранчиња на месноста Краста на падините на Водно. Централното одбележување ќе биде на 6 јануари, на пладне пред платото пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
На месноста Краста предвидено е да присуствуваат кумот за Бадник 2013 Даниел Воиновски, генерален директор на Еуроимпекс – Скопје, здравичарите Силвана и Влатко Плевнеш од Силви бенд, како и минатогодишните кумови, кои беа од Одборот, Борче Петрушевски и Александар Пановски – Мац и здравичарот Драган Антоновски, кои први ќе пресечат бадник.
Предвидено е на Краста да присуствуваат градоначалниците на Град Скопје, на Центар и на Сопиште Коце Трајановски, Владимир Тодоровиќ и Јован Ѓорѓијоски, како и претходните кумови и здравичари од изминатите 20 манифестации.
Општина Центар годинава ја поддржува оваа манифестација со 40.000 денари.