Накострешена охридска мачка. Фото: Дарко Христов, 2014
Зошто градоначалникот дозволува општинската прес-служба во Охрид, врз неговиот и врз грбот на граѓаните да учи како се пишуваат „колумни“, а не соопштенија и, всушност, да лиферува политички трактати?
Пишува: Веле Митаноски
Локалната самоуправа во Охрид ја има веројатно најразвиената, барем квантитативно, прес-служба на локално ниво во земјата. Исто така, во однос на локалните медиуми, вработува најбројна медиумска заедница. Официјално, во општинската прес-служба во Охрид се ангажирани шест лица. Некој проценил дека се дури и малку, така што шефувањето на службата го доверил на надворешно лице! Се поставува и прашањето дали вработените внатре во службата, односно оние што ја координираат и контролираат, воопшто ја знаат функција на истата? Заборавиле ли дека се финансираат од придонесите на сите граѓани, дека половината од Советот не се од партијата што тие ја глорификуваат, туку од онаа што ја сатанизираат? Особено градоначалникот треба да се заблагодари за глорификациите кон него лично и навреме да ги пресретне политичките штети што неминовно ќе го стигнат. Сите ние сакаме да ни ласкаат, сите сме помалку или повеќе суетни. Велат дека човечкиот организам е составен од 99 проценти вода и еден процент суета. Но, понекогаш, само тој еден процент е доволен да се удавиме во него! Еве неколку примери за несоодветно практикувано „новинарство“:
На 23 септември годинава, на веб-страницата на локалната ТВМ, е објавена реакцијана локалната самоуправа на прес-конференцијата на СДСМ. Всушност, објавено е целото соопштение, освен првата реченица која гласи:
„Со жалење мора да констатираме дека тоа што е досегашна пракса, во недостиг на аргументи, знаење и храброст да се дискутира на говорницата во Советот на Општина Охрид, СДСМ ден, а неретко и денови по седниците организира прес конференции на кои се обидува сама, без да има никој наспроти неа, да ја манипулира и лаже јавноста со свои измислени теми, кои во реалноста и не постојат.“
Настрана, лексичките, правописни грешни, кои ќе ги воочат самите читатели, посочуваме неколку цитати од кои јасно ќе се види дека не станува збор за официјално соопштение на една институција, финансирана од парите на сите граѓани, туку за политички трактат, кој се обраќа не кон граѓаните, туку кон ,,господата од СДСМ!”. Еве ја и првата, цитирана реченица:
„Како што се покажа, констатацијата на Градоначалникот дека СДСМ нема да настапи со аргументи на говорницата и дека во деновите по неа, ќе организира прес конференции повторно за жал се покажа како точна и денес како и секогаш од како ќе доживеат фијаско на седниците имаме прес конференција на оваа партија, а вчера на седницата имавме наведнати глави и молк.“
Натаму, следи исмејување со:
„…“големите економски умови’’ од СДСМ чуденката и прашањето – како ‘’експертите’’ од СДСМ ги стекнале своите дипломи од областа на економијата кога не знаат основни еконмски показатели или пак сето тоа го знаат и свесно ја манипулираат јавноста”.“
Нормално, има и констатација и заклучок:
„Едно е јасно, градоначалникот Бакрачески и админситрациајта која ја предводи, праксата покажа дека секогаш носат спротивни одлуки од оние кои би ги донеле господата од СДСМ и тоа се покажува дека е исправна политика во интерес на градот.“
На 22 октомври, обраќајќи им се на „Почитуваните од СДСМ“, кои се „’светски и вселенски шампион’ за правење долгови“, информативната служба им сугерира дека тие „се обидуваат постојано да ја замајуваат јавноста со неточни и невистинити податоци водејќи се од принципот 1000 пати кажана лага станува вистина” („Општина Охрид: Времето на недомаќинско работење на СДСМ нема да се повтори“).
Порталот го објавува, се разбира, во многу скратена верзија, долгото соопштение на службата. Еве, пак, како изгледа и во што се разликува соопштението на општинската информативна служба, од онаа на ВМРО-ДПМНЕ, од каде се обраќаат кон „’наводните’ експерти по економија од СДСМ кои на национално и локално ниво од СДСМ се повеќе и почесто го допираат дното од кое најверојатно нема уште долго да се кренат доколку и понатака критикуваат се што е добро и на кое вредно и посветено се работи а е во интерес на Охрид и охриѓани.“
Соопштението завршува:
„И на крај ги советуваме од СДСМ да земат пример од советниците на ВМРО- ДПМНЕ и во иднина на седници на Совет кога на дневен ред се советнички прашања да се охрабрат и да поставуваат прецизни, издржани, концизни прашања за теми кои се од интерес на Охрид и охриѓани на кои како секогаш градоначалникот Никола Бакрачески ќе им даде целосни, опсежни и аргументирани одговори.“ („Реакција на ВМРО ДПМНЕ на прес конференцијата на СДСМ.“)
Ова погоре е илустрација како информативната служба ги третира прашањата од аспект на политиката и на економијата. Во продолжение, пример за една административна тема. Од СДСМ обвинуваат дека новата локална власт, нивните членови и симпатизери вработени во локалната администрација, по казна ги испраќа на „гурбет“ во блиското село Косел. Не дека е тоа којзнае каков џенем. Oд Охрид е оддалечено само десетина километри, ама, сепак, доби политички димензии, стана прашање на реваншизам од политички побуди. Еве како дел од соопштението, на 25 септември, е објавено на „Либертас“, со наслов: „Општина Охрид: СДСМ-Охрид мора да не напаѓаат бидејќи имаат таква агенда од Скопје“
Од повеќето „бисери“ од соопштението за „здодевната“ прес-конференција на СДСМ, интересен е заклучокот:
„Јасно е дека во недостиг на конкретни идеи кои би ги понудиле пред граѓаните, и во недостиг на визија за иднината , не се во состојба јавно да ги поддржат политиките на градоначалникот Никола Бакрачески и мора на здодевен, едноличен и репринтиран начин постојано да одржуваат прес конференции на исти теми и да критикуваат за вработени луѓе, кои примаат редовно плата и нив да ги прикажуваат како некакви жртви за кои наводно оваа партија се грижи.“
Ако помисливте дека само кон СДСМ има таков однос општинската информативна служба, тоа не е точно. Таа им дели лекции на сите. Еве го примерот со ВМРО-НП, која, исто така, има советници во градскиот Совет. Со овој политички субјект се расправаат за концесионерството во ЈП „Про аква“. Порталот „Охрид 1“, кој важи за најблизок до локалната власт, објавува наслов: „Општина Охрид – ВМРО-НП и служи на СДСМ за да ги оправда нејзините штетни дејствија.“
Во текстот се вели:
„Соопштението на партијата така нарачена ”Народна” која е само сателит на СДСМ-Охрид и за која никој не знае дали има повеќе од двајца членови, уште еднаш покажа дека оваа партија служи само за да ги оправдува штетни дејствија кои СДСМ-Охрид ги правел додека бил на власт.“
Од ова соопштение ќе пренесеме малку повеќе текст, бидејќи целото е „бисер до бисер“, со дефицит од познавање јазик и правопис, ама затоа со суфицит од храброст и од дрскост:
„…Се надевам знаете да читате македонски и кирилично писмо и ќе му одговорите на народот во Охрид за овие услови кои произлегуваат од постапакта.“
„…И така како што претпостави Градоначалникот Бакрачески од говорницата, им требаа цели три дена да го соберат целокупниот „интелектуален потенцијал“ и да создадат смешно небулозно соопштение кое само тие го разбираат.“
„…Се разбира таму каде што треба да дискутираат тие не поседувајќи ни минимум знаења од темите кои се дискутираат , а тоа е градскиот Совет, седат со наведнати глави и молчат, исто како кога учителка ќе искара дечиња во градинка.“
„…Читајќи го соопштението на „Нардона партија” се прашуваме дали тие мислат дека целата постапка околу концесионирањето на „Проаква“ и „Нискоградба” ја воделе Марсовци, а не раководството на Локаланта самоуправа.“
На крајот и за најновата кавга, по исклучувањето на едно училиште и на спортската сала од напојувањето со електрична енергија. СДСМ обвини дека „не само училиштата туку и другите јавни објекти се соочуваат со истиот проблем, по втор пат годинава. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески наместо да ги решаваат проблемите на нас охриѓани тие ни создаваат нови. И додека во градот владее хаос, градоначалникот Бакрачески никаде го нема“ (СДСМ: Бакрачески наместо да решава создава проблеми).
Општинската информативна служба, во официјалното соопштение, ќе го „потсети“ СДСМ „навремето кога владееја со Охрид и го пустошеа градот“ дека „во предизборни цели примиле на работа шеесет лица во образовни установи, и нив ги излажале и не им исплатиле плата“, додека „Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески за разлика од кадрите на СДСМ, никогаш не ги излажа граѓаните, ниту некогаш ќе го стори тоа и повторно ќе се запрашаме дали имаат кредибилитет во СДСМ да зборуваат за лажење и за лаги во финансиите на образованието во Охрид“ (Општина Охрид: Зошто СДСМ измами 60 луѓе во образованието на кои не им даде плата?).
По сето ова, малку е чудно што и градоначалникот остава простор тој апарат да ѝ нанесува штета на институцијата – Општина Охрид, односно институцијата градоначалник, со тоа што користи општествени, јавни ресурси, преку кои лиферува „новинарски“ производи, кои немаат врска ниту со новинарството како професија, ниту, пак, со функцијата што ја има една таква информативна служба. Зошто не им се заблагодарува на „услугите“, зошто дозволува врз свој грб тие да учат како се пишуваат „колумни“, а не соопштенија и, всушност, да лиферуваат политички трактати? Потребата е уште поголема во средина каде локалните медиуми, исто така, кадровски се недоволно едуцирани за работата што ја извршуваат, некритични се настроени кон содржините на текстовите што ги добиваат, целосно ги емитуваат, без огради, без став и без уредувачка политика.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).