Студениот бран што ја зафати Македонија во последниве три дена со минимални температури до -18 степени не предизвика никакви штети кај есенските посеви поради присуството на снежната покривка која ја имаше скоро на целата територија со различна дебелина, од 2 сантиметра во Демир Капија, околу 15 во Пелагонија, до 53 сантиметри во полошката котлина.
Според агрометеорологот Ангелко Ангелески, состојбата со земјоделските култури засега е стабилна. Првите мразеви се во границите на очекуваното за зимски услови и услови за презимување.
Снегот е одлична заштита за посевите од минимални температури, ја оджува температурата во почвата на 5 сантиметри од околу 1 степен што е сосема доволно да нема оштетувања на јазолот на братење кој се наоѓа баш во тој дел од почвениот слој.
– Промената на времето која следува кон крајот на оваа седмица и почетокот на следната со повисоки температури на воздухот и со врнежи од дожд, ќе ја стопи снежната покривка на скоро сите земјоделски површини со што едновремено ќе се подобри и влажноста во почвата која се уште не е на потребното ниво во одделни региони како Овче поле, за успешно презимување на посевите и другите култури, вели Ангелески.
Отпорноста на есенската пченица во зимски услови и без присуство на снежна покривка е голема. Критична температура што може да предизвика штети е од -16 до -18 степени, додека кај овошките – 25 степени.
– Вакви температури вообичаено и најчесто кај нас се постигнуваат во услови кога има снежна покривка, така што земјоделците во овој период воопшто не треба да стравуваат од досега постигнатите температури на терен. Ваквите временски услови практично го означија крајот на земјоделските работи на отворено, но од друга страна се создадоа одлични услови за тутунопроизводителите за примарната манипулација која се изведува во домашни услови, за што е потребна висока релативна влажност на воздухот која ја имаме во овој момент, вели Ангелески.