СМДС се оградува од последното меѓународно писмо на Иванов

Од:

„Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), во светло на актуелните настани, чувствува должност да се огради од постапките на Претседателот Иванов версус меѓународната заедница, а кои постапки можат да се третираат на надворешен план како непочитување на дипломатските узуси, додека всушност се работи за градење алиби за постапките на внатрешен план.

СМДС, во рамките на своите можности, направи напор да провери дали било Претседателот Иванов било неговиот Кабинет имале какви и да се консултации со професионалниот сегмент на Министерството за надворешни работи и дојде до поразувачко сознание, точно или не, дека дури и немало ниту обид во таа насока. Ова се однесува како по прашањето да ја прогласи заедничката платформа на македонските политички партии од албанскиот блок како наметнат од странство (читај: Албанија) политички документ, така и во однос на писмото упатено до неколку од најзначајните фактори во меѓународната заедница.

Од тие причини, СМДС направи увид во два клучни документи, обата јавно објавени: 1) споменатата „Платформа“ (објавена од повеќе македонски медиуми) и, иако партиски документ, искористена во меѓународното писмо на Претседателот Иванов каде, врз основа на противуставен став на Претседателот се обраќа до дел од меѓународната заедница, а што има и ќе има исклучиво тешки последици на меѓународен план; и 2) владиниот документ од 2015 година насловен како: „Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија“ (објавен на сајтот на Секретаријатот за спроведување на ОРД). На ниво на елементарна споредба е да се констатира дека овие два документи, освен во еден сегмент, се практично идентични или кореспондираат до највисока можна мера, вклучувајќи го и прашањето за националните симболи (знаме, химна, државен грб).

Следствено, се наметнува дилемата дали обвинетата странска држава успеала уште во 2015 година да и’ подметне на Владата на Република Македонија да разгледува документ што бил подготвен во односната / обвинетата странска држава? Доколку се немаат такви индикации, дотолку повеќе што се тврди дека се работи за „Платформа“ што била „донесена“ по изборите од 11 декември 2016 година, а што е повеќе од една година по разгледувањето и објавувањето на „Прегледот на ОРД“, извесно е дека Претседателот Иванов бил доведен во исклучително тешка и заблуда со крајно сериозни импликации, па дури и последици!

Во секој случај, имајќи го предвид „Прегледот на ОРД“, извесно е дека Претседателот требал и морал да има предвид дека тие ставови се битно постари од изборите на 11 декември 2016 година. Имајќи па и предвид дека овој документ е изработуван во соработка со меѓународни организации, вклучувајќи го и ОБСЕ, факт е дека само два дена по изборите, ЕУ, на својот министерски состанок одржан на 13 декември 2016 година, ја потенцира важноста Македонија (и новата Влада) да се осврнат на овие прашања: „The Council recalls the importance of good inter-ethnic relations and stresses that the overdue review of the Ohrid Framework Agreement needs to be completed by the new government at the earliest, in an inclusive and transparent manner, and its recommendations implemented“.

Единствениот сегмент во кој Платформата и Прегледот не се совпаѓаат е истакнувањето барање за некаква резолуција на македонското Собрание со кои би се признал некаков си геноцид на албанската популација во периодот 1912 – 1956 година. СМДС, поаѓајќи од фактот дека геноцидот и како концепт и како практична операција е во најтесниот делокруг на меѓународните односи и надворешната политика на сите земји, оценува дека е исклучително важно ова прашање да се отвори пред најшироката македонска јавност. Само во услови на изолација на албанската заедница во Македонија, гледано од аспект на другите заедници во Македонија, може да цветаат такви искривоколчени историски толкувања со кои се генерира неосновано незадоволство кај албанската заедница, па дури и репродуцира чувство на некаков вид опресија, што е, разбирливо крајно навредливо за „другата“ страна и одлична „храна“ за определени екстремни кругови. Само отворена, аргументирана и научно поткрепена јавна дебата може да се справи со ваквите општествени девијации и да попречи Македонија да се стекне со можеби најнегативното светло во меѓународната заедница – како сторител на геноцид. Впрочем, тоа треба да се примени и со сите елементи на „Платформата“ – да бидат најјавно дискутирани во функција да се изградат јасни критериуми што од нив потенцијално може да го наруши унитарниот карактер на Државата, а што од нив би можело да значи унапредување на интеретничката интеграција во граѓанска Македонија.

Во тој контекст, нагласуваме дека независно што околу наведените детерминанти толкувањата одат од една до друга крајност, практично само преку процесот на јавна дебата може да се добие аналитички пристап од повеќе перспективи и најразлични специјалности, вклучувајќи ги и видувањата на професионалниот сегмент на Министерството за надворешни работи. Примената на аналитичкиот пристап по автоматизам значи спречување на апетитите за инфилтрирање на партиски интереси во државните работи, со што во континуитет се минимизираат суштинските потреби за вистинско толкување и нивна примена во реалниот конституционален живот на Република Македонија, а се’ со цел да не стане ранливо владеењето на правото и нормалното функционирање на институциите на државата, вклучувајќи ги и вредносните капацитети на парламентарната демократија.

Од сето изнесено, повикуваме Претседателот Иванов да ги преиспита своите сознанија, да не се базира само на медиумски јавувања (посебно кога се работи за изнесување оценки каде се инволвирани странски држави), туку напротив – да направи консултации и со професионалната дипломатија, па дури потоа да зазема ставови што имаат недвосмислени последици по меѓународната положба на Македонија, додека меѓународната заедница, исто така, би можела, наоѓајќи разбирање за заблудата во која тој западнал, да го продолжи актуелниот тренд и да му помогне од истата и да излезе“ стои во соопштението на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Би можело да ве интересира

МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел, нема нови барања за евакуација

Османи: Никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна

Орце Костов

МНР формираше кризен штаб: Македонските државјани може да заминат од Израел само преку аеродромот во Тел Авив

Орце Костов

МНР апелира да се избегнуваат патувања во Израел и регионот

Македонската амбасадорка итно повикана во бугарското МНР: „Лажни се изјавите на македонските политичари“

Орце Костов

МНР го осуди нападот врз цивилите во Газа: Ова е кршење на меѓународното право

Орце Костов