Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го предаде предметот „Сопот“ на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО).
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, за предавање на кривичниот предмет КО.бр.42/08 познат во јавноста како „Сопот“, побарале од Советот на јавните обвинители на Република Македонија да се произнесе дали барањето е законско дејствие на јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство.
– Со оглед на тоа што кривично-правниот настан е случен пред 2008 година, поточно во 2003 година, ОЈО ГОКК сметаше дека предметот што се бара не е поврзан и не произлегува од содржината на неовластеното следење на комуникациите, се вели во соопштението од ЈОРМ.
По добиеното писмено известување од Советот на јавните обвинители на Република Македонија од 4 јули 2017 година, во кое, како што се наведува, нема донесена децидна одлука дали да се предаде предметот, туку дека ќе треба самостојно да одлучи дали наведениот предмет ќе го достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
ОЈО ГОКК одржал Колегиум на јавните обвинители и заклучил дека предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со неговите списи, да се достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за да се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност.