Слободата и независноста на медиумите ќе станат реални категории со подобра економска положба на новинарите

Од:

Дали по се’ што им се случи на медиумите и на новинарите во Македонија (затворањето на А1 телевизија, затворот за Томислав Кежаровски за напишан текст, претворањето на јавниот сервис МРТВ во пропагандистички медиум во служба на власта, откази и намалувања плати во повеќе приватни медиуми), стана појасно дека апстрактните поими како слобода и независност, можат да се реализираат само преку реална борба за сериозни промени во медиумската сфера?

Се’ поголемата сиромаштија во која тонат новинарите и медиумските работници, понижувачките плати и услови за работа, придонесуваат за социјална, но и професионална несигурност која е на границата на издржливост и директно влијае врз руинирањето на слободата и независноста на медиумите.

Економски зависен новинар, со бланко отказ е подлежен на притисоци и злоупотреби

Владата преку начинот на распределувањето на рекламите, но и преку други форми на финасиски притисок веќе создаде „свои“ медиуми на кои уредувачката политика им е тотално посветена на интересите на владејачката партија или партии. Тоа е „макроперспективата“ на моменталната состојба. Но што се случува на „микро“ ниво?

Колку самите новинари, репортери, па дури и уредници имаат реална можност да се спротивстават на политика што налага пропагандистичко, непрофесионално работење?

Еден од можните одговори (иако има и други фактори) е договорот за работа што го склучуваат со работодавецот. Веќе е востановена пракса договорот за работа да се потпишува на 3 или 6 месеци и тоа е дозволено според Законот за работни односи, но работодавачите ја злоупотребуваат оваа законска можност. Ако новинарот има договор на 3 или на 6 месеци и е во постојан грч дали работодавецот ќе биде задоволен од неговата работа за да му го продолжи договорот за следните 6 месеци, тогаш е сосема очекувано дека тој/таа ќе биде концентриран/а повеќе на задоволување на барањата на работодавецот, кои често пати се во директна спротивност со професионалното новинарство, а не првенствено да работи според новинарските стандарди и да се надградува како професионалец.

Случај во една национална телевизија

Млад репортер по две години работа, почнал да одбива да чита и да се претстставува како автор на однапред напишани прилози. Откако ова се повторило неколку пати, уредниците престанале да му даваат работни задачи и тој секојдневно доаѓал во редакцијата, но не добивал работа. Сепак не бил избркан. Но, откако истекол договорот за работа кој бил на 6 месеци, му било кажано дека тој веќе не е потребен и бил отпуштен.

Парадоксално, за ова прашање може да се најадат сличности со медиумите кои не се провладини и кои инсистираат на професионалните стандарди. Но, заради нивната финасиска фрагилност, предизвикана од фактот што секоја година поднесуваат апликации кај донатори или работат во отежнати услови во кои рекламите на огласувачите не се доволни за покривање на трошоците, иако на своите новинари не им наложуваат пропагандистичко новинарство, тие не можат да им понудат ниту вработување, ниту здравствено или пензиско осигурување, а најчесто во бескрај ги продолжуваат договорите за работа кои гласат на 6 месеци. И тие по истекувањето на овој рок можат да го отпуштат вработениот, така што и новинарите во овие медиуми, иако слободни од притисокот да ја злоупотребуваат професијата, живеат во економска и социјална несигурност, односно се под притисок сосема да ја напуштат професијата што не може да им обезбеди нормална егзистенција.

Само економски и социјално независен новинар може да биде слободен новинар

Алармантни се резултатите на истражувањето на ССНМ, спроведено меѓу новинари и медиумски работници за работничките и професионалните права во Македонија, објавени во март 2014 година. А по последните настани во МПМ, каде управата на оваа компанија им понуди нови договори за работа на вработените, со времено намалени плати и со поголеми овластувања да им даде отказ, може да се заклучи дека состојбата со економскиот и социјалниот статус на новинарите и натаму се влошува.

Дури 90 проценти од новинарите, според истражувањето на ССНМ, не се задоволни од паричниот надомест за нивната работа (44 проценти воопшто не се задоволни, а 46 проценти се „само“ незадоволни), додека 10 проценти сметаат дека се соодветно наградени за својот труд.

„27 проценти од новинарите во Македонија барем еднаш биле отпуштени, односно останале без работа„ Само овој податок од истражувањето говори за каква социјалната сигурност станува збор.

Според публикацијата „Бела книга за работните и професионални права на новинарите“ – 5 проценти од новинарите наведуваат дека причината за отпуштањето била нивната непослушност, 14 проценти тврдат дека го напуштиле работното место затоа што не можеле да ги издржат притисоците што им се правеле, 11 проценти причините за своето отпуштање ги карактеризираат како неоправдани и исто толку (11%) ги сметаат за оправдани. Резулатите од оваа анкета покажуваат исклучително песимистичка перцепцијата на новинарите за трендовите во новинарството. Дури 83 проценти, минатата година тврделе дека состојбата се влошува, за 14 проценти таа останувала иста, а само 3 проценти рекле дека состојбата се подобрува.

Новинарите се скептични по природата на својата професија, некои се заморени од протести и велат дека тоа што Кежаровски беше ослободен, или што се укина законот за хонорарци (а што директно удираше врз голем број новинари) било резултат на политички одлуки, а не на притисокот што го изврши јавноста преку масовните протести, но и понатаму немаат конкретни одговори како да се решат проблемите.

– Суштината на се’ е првин синдикално организирање и водење на битката за работнички права, мора заедно преку синдикат да се води таа борба и да се освојува тој терен. Мора да се создаде и силна мрежа на активисти и на лобисти, обука и запознавање со правата на медиумските работници и секако колективни договори кои треба да се потпишат со министертвото за труд, мора да има синдикален дијалог.

Мора да го надминеме стереотипот дека синдикат значи само првомајски каранфили или средби, канти сирење или другата крајност само штрајк. Синдикализмот е и се тоа помеѓу, борба и за работнички права, за стандарди борба за респект и дигнитет во професијата преку задоволни и платени не само новинари, туку на сите кои учествуваат во изработката на медиумскиот производ, вели Драган Антоновски, долгогодишен новинар.

ССНМ деновиве понуди пред-нацрт верзија на гранскиот колективен договор за новинарите и медиумските работници и повика на јавна дебата која во понатамошните фази ќе треба да покаже дали е најден одговорот на прашањето како да се промени статусот на новинарите во државава, а со тоа и на цела една професија.

Александра Бубевска

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска