Еј, царот…! Какво изненадување. Кај се најде овде, пред кооперација, па ти бе царе? Ааа, така… баш убаво. Еве и јас, навака – натака… А бе искрено и јас незнам кај ми е главата, па одвреме навреме туку ќе седнам, ќе си напишам нешто, да ги смирам нервите што се вели. Не бе, не дека ги познавам сите луѓе, туку ајде, да се каже нешто, некому. Па и денеска таков ми беше планот…
Извини за момент царе, да им кажам на народов да ме причекаат малку, па да се видиме со тебе на раат. Да бе, на интернет пишувам. Па нели ти не модернизираше, ни направи информатичко општество, си заборавил? А хаха…!
А бе куче си ти… и тоа лошo, така да речам. Не забораваш ти така лесно. Порано, во комунизмот, се знаеше кој може нешто да каже, а сега, оди крајот фати им го на народов. Седни бе, седни малку, само еден ред да им напишам на луѓево, да им кажам дека се сретнав со тебе, па после ќе продолжам со нив… Што им пишувам? Ништо посебно, така општо, за животот… Ех, е баго мајката, кај да си седнел… Кај сакаш седни, ете тука на гајбата. Не, не така… Завртија наопаку, оти, да не ти е незгодно… Да бе, празни се шишињата. Е така… Поседи малку сега.
Почитувани, прво да ви речам добар ден. Вистина не се имам јавено од поодамна никому, па еве решив денеска да напишам некој ред, колку да не се заборавиме, па за среќа се сретнав со царот, со нашиот… овој не крунисаниот. Туку, ајде почекајте малку да се видам со него, па ќе ви се јавам…
И… така велиш царе… Туку кажи ми, дома арни сте? Дај боже! Па добри сме и ние, фала на прашање. Кај вујкоти како се? Мислам, овие братучедите, добри се? Аааа, така..?! Ај со помин нека е, не е тоа ништо. Цел народ страда од главоболки… А, на работа добро ти е? Знам, знам дека не ти е лесно, ама сепак државно си е државно… Се смееш а? Е многу си заебан бе царе, да ти речам, вака, меѓу нас… Ај сега не зафркавај. Па ти си цар, а тоа ти е нешто како приватник … Туку кажи, што има ново со политикиве? Ааа, така, така… Па време е да се спремате, еве каде е април, за миг ќе дојде. Па како што слушам, сите се спремаат… Извини вака на прашање, ти за кои си бе царе?
За ВМО?! Ете, си мислев дека не си ти за ВМРО! Оти некои не веруваа… А гледам царе и по селиштава одиш. Знам бе знам… Секој ден те гледаме на телевизија. Се живо и мртво отвори. И уште некој гроб да отвориш, тогаш ќе биде крај на приказната… А хахаа! А бе царе, царе, ме изнасмеа… опасен си! Господ здравје да ти даде. Не сум се насмеал вака, можеби дваесет и кусур години. Туку… и така сме пред кооперација, си велам да си земиме еден нарезак за мезе, гледам има еден на рафтот и по едно пиво да отепаме… што велиш? Аман бе царе, јас ќе го платам. Ааа, не пиеш алкохол. Знам дека не ти е до плаќањето, ама еве, јас си реков да те почестам нешто. Како сакаш. Јас ќе земам едно пиво, а за тебе ќе видам нешто друго… барем да поткаснеш нешто штом не пиеш… Да не седиш така бадијала, како борчлија. Почекај малку да проверам што има… Извинете, што имате да понудите за царот? Не, не пие! Па така… нешто за мезе. Само тоа е? Немаш ништо друго?
Не бе, што зборуваш… зарем царот да јаде кикиритки?! Ааа.. јајцината, тазе се? Само тие две?! Добро, ај свари едно. Па што знам кое… Види ти, одбери едно поугледно… Да бе, за царот! Велиш, левото е поголемо? Добро, може!
Ај сега свари го. Значи, за мене едно пиво, дај ми ја и таа конзервата и едно јајце за царот, како што рековме, левото. Да, да, лупено… Не бе, конзервата царот ќе ја отворит. Експерт е за отворање… Туку, незнам дали отворат и капачиња од шишиња, така поситни објекти…?! Ти сепак отвори го пивото, а за конзервата ќе го прашам. И така сакав и за нешто друго да поразговараме. Извини вака царе, имам едно прашање. Во врска со ова… мислам, за отворањево на конзервава, да повикаме некои од селово да дојдат, барем и ќе те видат, што мислиш?
Да бе, да… Ќе го собереме целото село, што велиш, а…? До душа не се многу, така ми се чини. Неколку мажи и неколку жени. И тоа сите се старци. Еве и продавачов ќе го прашам. Да, ете и тој вели дека толку биле… Ама едната од жените била многу стара и болна, не верувам дека ќе може да присуствува на церемонијава… А еден од мажите бил по дрва, со коњот. Добро, нема проблем, штом така мислиш, ќе го почекаме да се врати. Види сега што зборуваш… А бе ти велам многу била болна жената, на постела што се вели… Е ај сега не претерувај, како да ја донесеме со се кревет бе царе? Туку, знаеш што помислив? А да не го собираме народов од селово за отворањево, оти немаш напишано говорче…?! За тоа не ти текна? Па така е… арно ти велам… Не се настапува јавно без спремено говорче. Не, не… нема други. А бе какви млади… Е кај се де, кај се?! Па заминаа! Како тоа, каде… По светов царе, по светов! Го напуштија царството твое. Е од каде да знам зошто… Сигурно од многу арно…! Имам еден помлад братучед, овде во оваа област, ама и тој е многу разочаран. А замисли за тебе е, да речам во политикава. Ми вели, а бе брачед ми доаѓа да полудам од состојбиве… Никој не те сајкалит за жив, за ништо. Рече дека ти испратил писмо, да ти кажит за маките што си ги има, ама од тебе нема одговор. До душа му реков, изгледа царот нема твоја адреса па затоа не ти вратил одговор. Почекај уште малку му реков, а тој ми вели: Уште колку да чекам бе брачед?! Остарев од чекање! А да ти речам право царе, додека ти ја отвориш конзервата, јас пивото го испив на голо. А гледам си го јадиш јајцето, и тоа со апетит?! Изгледа многу ти се допадна. Знам дека убаво се раниш, се гледа и на тебе, како бикче си се сторил, машала! Ти велам, овде по селиштава се е убаво. Е така е, не е исто со оние од фармите, ова е правено со петел. Да бе… Ете, се познава по бојата на жолчката. Туку да ти порачам уште едно, може? А бе кој ќе те види овде дека јадиш јајца… јади колку што сакаш. Седи мирен сега, јас сум овде домаќин. Господине, ај ве молам сварете го и тоа другото…!
Да, бе да… десното. Ех бе царе, многу мерак ми направи што помина и навака, па со себапот и да се видиме ко луѓе… Едно видување, еден век, што вели народот.
Да, да, од овој крај сум и јас. Не баш точно од ова село, туку од едно друго во околинава. Го викаат “Македонска Венеција”, си слушнал досега…? Точно така, Слоештица. Да бе, и тоа е точно! Од таму е Петре Андреевски, македонскиот Шекспир. Браво бе царе, ете, пак пријатно ме изненади… Ти бе се си знаел…?!
Па јас мислев дека ништо не разбираш…?! Туку арно што го споменавме човекот, па да те прашам… Оти бе царе не му направи едно спомениче и нему кога веќе толку изнаправи, туку си напикал еден милјон будалаштини по мостовите низ Скопје? Ех сега, како немало…?! Така, нема…! Си го плеснал братот Душан, оној колегата твој, царот, србинот… Ама не кажуваш дека и братот Гропа си го начукал како ограда на кејот. Па таму е и братот Драгаш итн. Сигурно има многу такви, ама не кажуваш. До душа сами ќе ги видевме, ама беше студено, а и на другарми му се брзаше, да не му викаат дома, оти го пуштиле до пазарче да купи нешто, па така не ги догледавме сите… До некаде те разбирам царе, вака на колеги да им се направи чест не е лошо, ама ти ептен си претерал. Си ги опнал по мостовите ојлевци-дојлевци што вели народот, а тие што треба ги нема! Ех, ех, ствар на вкус… Ај не заебавај бе царе, каков вкус?! Па тоа не е никакво објаснување. Овде не се работи за вкус, туку дали треба, или не треба… Оние светилкине што се една до друга, и тоа е ствар на вкус? Да не случајно не ти се гледа со помалку? Не ќе можиме само струја да доплатиме, бе царе! А плочките бели на плоштадот што те заслепуваат кога времето е сончево…?! А плажата под музејот…? Да бе, по гаќи ќе се сончаме, одма до жртвите… Како…?! А бе ти ептен си бил улав?! Е сега, ајде додека се варит другото јајце, да ти кажам нешто во врска со вкусот. Пред неколку години, едно младо момче замина во странство и стана моден креатор. Ама како одминуваа годините, неговите станаа нетрпеливи и го тераа да се женит. Посебно мајкаму го притискаше… А бе што да прават, родители… Како сите и тие си сакаа снаа во куќата, па принова и се друго… ко што си носи редот. Еден ден се јави на телефон момчето и им кажа на родителите дека се оженил. Фала богу рекоа неговите и со нетрпение ја чекаа невестата да им влезе во куќата. Мајката дури и нешто златце поткупи за невестата, па и материјал за фустанче да си сошие. А бе адети, знаеш како е царе… По цели ноќи си фантазираа каква е невестата, колку е убава, па за внучиња зборуваа и што ли не… Денот, кога требаше да пристигнат младите на аеродром, отидоа двајцата да ги пречекаат. Туку еве го синот, се појави на излезот од аеродромот. Одма го познаа до душа. Ама до него и невестата. Така слаба, витка како змија што се вели. Облечена во едни тесни, жолти панталончиња и бела кошула длабоко подраскопчана.
Ја грабнал зетот за рака и ја држи цврсто дури се поздравува со неговите… Но во таа еуфорија, на таткото на младоженецот како да му се смени веселиот израз на лицето, како да не ја бендиса невестата. И додека мајката им честиташе, од радост не успеа подобро да ја разгледа невестата. Постојано ги повторуваше истите зборови, да биле среќни, да биле вечни… Па господ да им дадел многу деца и што ли не… Повремено упаѓаше и таткото на момчето, обидувајќи се да и укаже на женаму дака невестава, според него, не е како што треба… Жено! – и вели. Невестава нешто не ми се допадна, а таа му одговараше: Ствар на вкус.
А бе види жено, невестава има коса на градите, а таа повторно му одговараше: Ствар на вкус. Сопругот продолжи да ја убедува. А бе жено, не гледаш дека невестава има брадиче? Таа секогаш му одговараше исто, ствар на вкус и точка. Таткото не можеше повеќе да издржи и и вели: А бе жено, гледаш дека невестава е маж, или не гледаш? Таа среќна, позеде еден од куферите и му одговори исто, ствар на вкус и заминаа сите заедно. И навистина состојбата беше ствар на вкус. Таткото набрзо беше пренесен на клиниката за кардиологија, а мајката секој ден на невестата и вареше по едно јајце на сабајле. Вероватно беше на диета.
Ете, затоа царе, до некаде и во право те наоѓам. Вистина, се е ствар на вкус. А бе што направи овој со јајцето, чекај малку да видам… Извинете, до каде е јајцето за царот? Аман бе што зборуваш…! Ех бе царе, навистна и ти си немал среќа понекогаш. Еве, снемало струја и не му работи решото. Сакаш да си одиме?! Добро, ај и јас ќе ти правам друштво. Ќе одиме пешки надолу.
Чекај… чекај малку царе, да му кажам нешто на продавачов. Се извинувам вака, ако може јајцето да му го завиткаш на царот, ќе си го довари дома. Да бе, да, може во весник. Има длабок џеб, ќе го пропушти внатре. Гледаш… капутов му е како шинел, собира колку сакаш. Ајде пријатно и фала ти за гостопримството!
Е како не?! Ќе дојде царот повторно кога ќе има избори.
Не ве остава тој така, гледајте си работа… Ајде царе, станувај да одиме. Што? Неможеш да станиш…?! Ееееј, види го што направил… Па не ли ти реков бе царе да ја превртиш гајбата на опаку па да седниш… оти не слушаш е баго мајката! Сега што да ти правам јас? Седи така и не мрдај. Сега ќе го повикам продавачов… Ај види жити мајка, пробај ако можеш да му го извадиш шишево на царов… Не би требало да е длабоко, ми се чини дека не мрдаше многу. Незнам, види ти… А бе не е навикнат да седи на алтернативни средства. Знаеш како е, цар си е цар. Излезе? Ех, фала му на бога…! Те болеше царе? Е ај сега не туку офкај, ќе ти помине… Кога си со мене, гајле да немаш… и друг пат гледај кај седнуваш.
Туку ајде да одиме, оти овде ќе не стемни. Да бе, брзо ќе стигнеме до џадено, па од таму ќе те земат… Гледаш царе, ни пат има, ни бутур… А бе затебе ми е мака, ќе ги искиниш чевлиштата, ќе ги испочукаш по камењево, по дупкиве… Сигурно ти се многу скапи?! До душа и моиве не се многу ефтини, француски се. Што…? Ти смета сонцето? Па нели сега брзо си купи наочари… Кај ти се тие, скапите, што те пишуваа по весници? Како се викаа, “Форд мустанг” ми се чини, или… ?! Да бе, тие што велат дека биле направени од рог од афричко говедо. Смеј се, смеј се…
А бе ти што манга си, само кој не те знае… Ете стигнавме. Виде колку брзо ни помина времето? Така е, кога со некого ти оди муабетот и времето одма лета.
Кои се овие луѓе бе царе? Ааа… твоите биле… Па јас помислив да не се некои странци… А да… така, така… Со една кола сте дојдени? Со шеснаесет? Аааа… така, така… Добро царе, ајде среќен пат, па јависе некогаш, да пиеме по едно кафе. Мислев, кога ќе имаш помалку работа. Туку да одам и јас, требаше нешто да им напишам на луѓето. И тие се изначекаа по студов. Поздрави ги таму и другарчињата! Ај чао!
Драги пријатели, еве, пак да ви речам добар ден!
Извинете вака што почекавте, ама имајте разбирање… Знаете, досега бев со царот и… кога си со него, застанува и времето…
Фала на разбирањето!
Гоце Димовски – режисер