Едно убаво пролетно попладне се вратив дома од град и бев пречекан од црн чад што избива од еден од контејнерите пред мојата зграда. На тие што имаат искуство со вакви прекрасни дочеци пред нивниот дом не мора да им се објасни дека смрдеата беше, па, за паметење. Пошто ги гледам овие мини депонии од балкон цел живот, и сум горд на фактот што и во мое маало ѓубрето се фрла околу нив, по ,,западњачки стандарди” (види K-15 – http://www.youtube.com/watch?v=5nubXySfyNA), првиот инстинкт ми беше да го изгасам. Не поради тоа што огнот го гушеше целото маало, туку дека главната арена за редовните ноќни крвнички битки меѓу маалските џукели беше сериозно засегната.
Размислувајќи околу како би можел најбрзо да го изгасам огнот, забележав како реагираа моите сограѓани на ова загадување на маалскиот пејсаж. Една жена ја покри устата на своето дете и кажа ,,ц ц ц”; еден маж дојде со кеса ѓубре, подзастана, и ја фрли во еден од контејнерите што не гореше; една група тинејџери помина како воопшто да не приметија дека нешто не е во ред.
Отидов до маалската пицерија да побарам кофа вода. Конобарот, другар, ме праша што ќе ми е и, откако му покажав што се случува на 30 метри од главната врата, одмавна со главата, се насмевна и кажа ,,ах вие англичани” (мајка ми е англичанка и 15 години живеев таму). Без да му обрнам многу внимание, ја земав кофата и отидов да го направам тоа што мораше. Некои случајни минувачи ме погледнаа како да сум луд, како да сум поглуп од оној што го запалил ѓубрето. Еден сосед ми честиташе за иницијативата, по што навлеговме во вообичаената дискусија околу состојбата во маалото/градот/земјата/светот.
Ми требаа четири кофи вода за да ја удавам смрдеата која го уништуваше, барем за мене, тоа убаво Скопско попладне. Отидов дома, се истуширав и несакајќи се најдов во внатрешен дијалог околу балканскиот менталитет и филозофијата на живот кај нас. Што точно сакаше да каже мојот другар со неговиот коментар? Дали јас чувствував потреба да го изгасам огнот поради тоа што имам живеено на “Запад”, или поради тоа што едноставно сум човек кој не сака да види токсичен чад на неколку метри од својата спална соба? Зошто им беше толку чудно на некои луѓе што фрлам вода на оган? Да не знаеја некоја длабока балканска мудрост, која мене ми е непозната бидејќи не сум “чист” балканец? Можеби требаше да си седнам со пивце, да си испечам по некој ќебап во контејнерот и да почекам судбината да го реши проблемот.
Игор Стефановски
Колумната е превземена од http://defacto.mk/