Скопски Илинденци

Од:

Не треба да се биде голем експерт за современа македонска историја (може историјата и само периферно да ви била дел од образованието, па и како самоук да сте површен познавач на историските настани) за да можете здраворазумно да логицирате некои настани од минатото. Еден од тие настани во новата македонска историја е Илинденското востание, чиј неуспех во историските читанки се објаснува со две причини: првата е разногласието на тогашните лидери (Гоце Делчев сметал дека било сѐ уште рано за востание, Никола Карев, првично против, потоа се нафатил со негова организација, додека Јане Сандански, имал став дека Македонија требала да добие независност преку дипломатија, а не со револуција).

Втората причина била, всушност, и одлучувачка за неуспехот на Востанието: освен во Крушево, било предвидено огинот да се раширил на целата територија од тогашна Македонија. Така налагала и воената теорија: едно востание за да биде успешно воените дејствија мораат да се прошират на што е можно поголема територија, со што би се обезбедила помасовна поддршка од населението, но и непријателот би ја развлекол на поголем простор својата воена техника и човечки капацитети.

Слично било планирано и во 1903. и востанието требало да започне во Серскиот, Солунскиот, Струмичкиот, Скопскиот, Битолскиот, Костурскиот, Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и во Кичевскиот револуционерен округ. Но кога громогласно се запукало во најголемиот дел од Македонија, Скопје, воглавно, останало занемено. („Со објавувањето на Илинденското востание во Битолскиот округ на 2 август, се очекувало да започнат диверзантските акции и во Скопскиот округ. Меѓутоа, овој округ останал пасивен… Покрај наведениве постоеле други чети организирани од ВМК и уфрлувани во Скопскиот округ, особено во областите во близина на границата, но тие главно се уфрлувале во втората фаза, односно откако Крушевската република била задушена и главно имале провокативен карактер, односно по првиот вооружен судир со турската војска четите се враќале во Бугарија. Потоа, одмаздата ја поднесувало македонското население“ – Д-р Ванче Стојчев, Илинденско востание со слика, текст и звук.). Немањето посериозен воен одзив во Скопскиот револуционерен округ имало рефлексии и на неуспехот на Крушевското востание, бидејќи на 10. и 11. август од Косово, преку Скопје, во битолско биле донесени бројни османлински сили, кои имале примарна цел да го заземат Крушево. Тоа и им успеало на 13. август, кога на незапалените куќи во Крушево се истакнале бели знамиња. Во доменот на шпекулативното толкување на историјата останува прашањето дали текот на историјата би бил поинаков доколку Востанието успеало и дали таквиот успех би ја спречил подоцнежната поделба на Македонија со Букурештанскиот договор?

Со вака потврдена историска фактографија за пасивноста на Скопскиот револуционерен округ, се поставува прашањето каква е оправданоста и смислата секоја година од Скопје да тргнуваат на марш коњаници за Крушево? Ако во 1903., тогашните скопски комити со своето нечинење ги оставиле на цедило Крушевчани, од каде право на денешните генерации да промовираат маршеви од Скопје и триумфално да влегуваат во Крушево? И која е пораката на нивната приказна, во која војводи облечени во комитски униформи гордо јаваат од Горно Лисиче кон Крушево? И тоа сите до еден избираат да бидат војводи (воини) на коњи, а никој не се решава да биде обичен комита, кој пешки ќе киниса кон славното Крушево иако манифестацијата се вика Илинденски марш (што би требало да алудира на пешачење), а не Илинденско јавање. За гревота коњите што се малтретираат по овие вруќини, а нивната улога не се регистрира ниту во името на самата манифестација.

Бидејќи манифестацијата нема никаква историска втемеленост, таа претставува само промоција на новокомпониран патриотизам и јунаштво, таму каде го немало. Крушевското востание било на Крушевчани, и ни најмал дел од таа слава немаат право да присвојуваат скопските new age комити. Тоа може да им го објасни и најголемиот историчар меѓу вмровците и најголемиот вмровец меѓу историчарите – проф. д-р Владо Поповски – за тоа каква била улогата на скопските комити во Крушевското востание. На истата тема може да се дискутира и на некој нареден научен симпозиум, како дел од програмaта „Десет дена Крушевска република“. Насловот нека биде: „Касно Скопјани во Крушево стигнаа“.

Онака како е официјално забележано, првиот Илинденски марш се случил на 31. јули 1978 година, кога тројца млади луѓе од Горно Лисиче, качени на коњи, пристигнале во Крушево. Никој не знаел од каде се ниту по кој повод се дојдени. Целата идеја се темелела од желбата на младинците да им се оддаде признание на големите Илинденци на 75-годишнината од Востанието и во ниедно сведоштво за манифестацијата Илинденски марш нема реферирање на историски факт дека таков марш од Скопје за Крушево навистина се случил во 1903. По 20-години прекин, Маршот бил возобновен во 1998., и тоа како желба иницијалниот марш од 1978. да прераснел во традиционален. Меѓутоа, дали секоја желби за оддавање почит на илинденските херои, била таа и од најискрени патриотски и благородни намери, треба да добие државно значење, особено кога таа претставува псевдо историско толкување на настанот? Што ако решат и Ноќните волци да забрмчат со мотори од Скопје за Крушево? Дали тие би биле обесправени и исклучени од државната програма само затоа што не носат комитски одори туку кожни јакни и наместо коњи јаваат мотори? Или, како алтер его на комитите, ако почнат и партизани да јаваат за Пелинце?

Затоа Крушевчани, од пиетет кон славните предци, треба да им се заблагодарат на коњаниците и во иднина, доколку сакаат да се поклонат и оддадат почит на паднатите херои, тоа да го прават скромно, а не привилегирано и, пред сѐ, како обични граѓани – цивили. А, скопските војводи, ако навистина љубат да јаваат од патриотски причини, минативе месеци имаа повеќе можности да се појават така костимирани и качени на коњи пред Влада, Собрание, Министерство за финансии и да дадат свој придонес за да се спречи ова систематско уништување на државата од група криминогени типови кои им ги узурпирале „четрите свети букви“. Немој уште еднаш да им се повтори историјата – да се случи револуција, а скопските комити да ја преспијат, како во 1903!

п.с. Со евидентната склоност на дел од вмровската екипа да ја прекројува историјата, каква е сигурноста дека до јубилејот двесте години од Илинденското востание нема да почне да се учи во историските учебници дека овој Марш навистина се случил во 1903!?

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска