Со бадниковата химна и подигање на бадникарското знаме утре пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ ќе почне 21-то традицонално скопско бадникување, што го организира Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.
Поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан напладне ќе му го предаде бадниковиот ќуп на новиот кум-скопскиот бизнисмен Даниел Воиновски.
Здравичари се Влатко и Силви Плевнеш од Силви бенд, кои се автори и исполнители на Бадникарската химна.
На свеченоста на скопјани ќе им се обратат градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, старите кумови Борче Петрушевски и Александар Пановски – Мац, како и новиот кум Даниел Воиновски.
Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.
Делегација на Одборот за прослава на Бадник, заедно со кумот за 2013 и годинава ќе го посети домот за стари лица „Мајка Тереза“, каде што на своите сограѓани сместени во домот ќе им ја пренесе атмосферата пред Бадник. Кумот ќе предаде пригодни подароци на секој од жителите на домот.