Како што изјави Катерина Јовановска, началник на одделението за дигитална форензика во МВР, по наредба од судот на 1 мај 2012-та година примената е посебна истражна мерка „Увид и пребарување во компјутерските системи на повеќе од 20 лица“, помеѓу кои и обвинетите во случајот Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами и Фејзи Азири.
Со оваа мерка вештаците од МВР требало да ја утврдат интернет комуникацијата на овие лица, поврзана со петкратното убиство кај Смиљковското Езеро на 12 април 2012 година.
На денешното рочиште за „Монструм“ вештаците не кажаа обвинетите со кого разговарале и во кој период, појаснувајќи дека тие не се надлежни за детална анализа на содржината на пораките.
– Содржините не се во надлежност на овие вешти лица туку на друга дополнителна обработка која ќе биде презентирана и искористена во судот. Постојат цедиња за тоа, посебен програм и упатство за гледање и проверување што значи дека она што највеќе не интересира сите нас дополнително ќе биде, а тоа е содржината, времето и комуникацијата која што била помеѓу конкретни лица, изјави адвокатката на оштетените, Дафинка Ивановска.
Судијата Огнен Ставрев истакна дека судот ги поседува комуникациите и дека најверојатно ќе бидат презентирани во некои од наредните рочишта.
Наредното рочиште е закажано за 10. декември кога свој исказ ќе дадат вештаците од судската медицина заедно со вештаците за балистика од МВР, кога ќе бидат образложени повредите кои им биле нанесени на петмината убиени кај Смилковско езеро.
Виктор Јованов