СЈО со предистражна постапка за купопродажбата на акциите на „Фершпед“ од 2013 година

Од:

Специјалното јавно обвинителство води предистражна постапка за купопродажбата на акциите на „Фершпед“ од 2013 година, кога повеќе акционери пријавија дека се измамени, дознава „Макфакс“.

Обвинителството за организиран криминал во два наврати (јануари и октомври) му предало на СЈО неколку предмети, од кои едниот е поврзан со овој случај. Од СЈО за „Макфакс“ потврдија дека презеле повеќе предмети од скопското и од Обвинителството за организиран криминал, но не откриваат детали поради тајноста на предистрагата. Неофицијално, предметите се поврзани со проширувањето на истрагата за случајот „Империја“.

Според информации на „Макфакс“, станува збор за предмети кои се поврзани со масовниот откуп на акции во „Фершпед“ од времето кога имаше борба за доминација во сопственичкиот удел меѓу ексгенералниот менаџер на компанијата, Штерјо Наков и неговата заменичка Кираца Трајковска, која беше потпретседателка на надзорниот одбор.

Стотина акционери во кривичната пријава до обвинителството од 2013 година тврдеа дека биле измамени за да ги продадат нивните акции на странски инвеститор. Според нивните тогашни тврдења, во бланко-договорите, на една од страниците, потпишале документ со кој му издале полномошно на брокер, кој ја искористил можноста и им ги резервирал акциите во време кога Наков и Трајковска се бореа за доминација во сопственоста.

Акционерите тврдеа дека биле изманипулирани да се согласат на блок-трансакција во вредност од 5.750 евра за акција, а подоцна, наместо да им бидат исплатени парите, акциите им биле замрзнати.

Десетина акционери тогаш поднесоа кривична пријава во Основното јавно обвинителство во Скопје против еден од сопствениците на брокерската куќа, против Кираца Трајковска и брокерската куќа, како и против непознат сторител, односно странскиот купувач. Обвинителот од скопското обвинителство, Артан Ајро, кој сега е дел од специјалното јавно обвинителство, ја отфрлил кривичната пријава како неоснована. Тој проценил дека акционерите самостојно се впуштиле во преговори со Трајковска и со брокерот и дека пријавените немале намера да ги доведат акционерите во заблуда.

Но, Вишото јавно обвинителство им ја уважило жалбата на акционерите со насоки дека не може да се отфрли кривичната пријава, без да бидат сослушани нивните изјави.

Поврзувањето на истрагата „Империја“ со предистрагата за купопродажбата на акциите во „Фершед“, засега е нејасна, но, најверојатно станува збор за заложените акции во „Стопанска банка“ од Битола, која во јавноста се поврзуваше со името на бизнисменот Орце Камчев. Дополнително, пријавениот брокер бил претседател на одборот директори на ЗК Пелагонија, фирма, која, исто така, се поврзува со името на Орце Камчев, кој е во триесетдневен притвор на барање на СЈО. Ова обвинителство побарало помош и од финансиската полиција за случајот „Империја“.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Предистрагата за високите бонуси на поранешните специјални обвинители не мрда од „мртва точка“

Кристијан Ландов

Не се загрозува ниту еден предмет покренат од СЈО со враќањето на повторно одлучување, вели Заев

Ана Ололовска

Разрешен поротникот Сандев, четири предмети од СЈО ќе почнат од почеток

Кристијан Ландов