Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) денеска напладне ќе одржи прес-конференција на која се очекува да соопшти за кои предмети ќе поднесе обвиненија. Рокот за поднесување обвиненија од страна на СЈО истекува утре.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева неодамна изјави дека очекува повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО да завршат со обвиненија.
– Повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО очекувам да завршат со обвиненија, за кои лица тоа е мошне важно прашање. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт, но во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки, изјави Јанева.
Јанева изрази уверување дека Судот ќе обрне доволно внимание на доказите на СЈО и основите врз кои тие ги поднесуваат обвиненијата, со очекување дека ќе ги поддржи и потврди обвиненијата, со цел тие да најдат судска разрешница.
– Местото каде треба се вкрстат нашите аргументи со оние на одбраната е судницата, истакна Јанева.
Со обвинителните акти чие објавување е најавено пред истекот на рокот на СЈО на крајот на овој месец, Јанева појасни дека се опфатени граѓани на Македонија, меѓу кои има и високи функционери и за други лица, добро познати на јавноста од 2008 до 2015 година.
Како што појасни, мандатот на СЈО е четири години со право на продолжување една година за обвинителите, најавувајќи дека ќе продолжи нивната работа за обработка на сите доставени разговори од незаконското прислушување.
– Што се однесува на рокот за поднесување обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема, се надевам дека ќе биде изнајдено решение во најбрз можен рок, а очекувајте дека и во наредниот период ќе отвараме истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали, рече Јанева.
За тоа колку од доставените материјали се обработени, таа појасни дека само 12 проценти од нив се напишани, некаде околу 45 отсто вкупно преслушани, додека останатиот дел од нив воопшто не се обработувани. – Мора да разберете дека тука има прислушувани разговори на многу новинари, разговори на повеќе јазици, тоа е дел што воопшто не е започнат да се работи, на нив ќе се работи после 15 септември, рече Јанева.
Специјалното јавно обвинителство досега покрена три обвиненија кои се однесуваат за незаконско уништување документација од системите на прислушување, за насилството во општина Центар и за предметот „Транспортер“. СЈО досега ги објави и истрагите Титаник, Таргет, Топлик, Тендери, Тарифа, Труст, Табла, Триста, Тотал, Тифани, Тревник, Талир…