Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска го објави четвртиот шестмесечен извештај за работата на обвинителството, кој се разликува од претходните три по поднесените обвиненија за повеќето истражни постапки.
Во извештајот се истакнува дека поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и превземени се истражни дејствија спрема 4 правни лица.
– Несомнено дека поднесувањето на овие обвиненија претставува само еден чекор поблиску до исполнување на мандатот кој му е доделен на Специјалното јавно обвинителство во интерес на граѓаните на Република Македонија. Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои им се ставаат на товар со поднесените обвиненија, се наведува во извештајот на специјалната обвинителка Катица Јанева.
СЈО наведува дека досега е анализирана содржината на 424.589 аудио фајлови односно во обработка се 70 отсто од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство, при што изработени се 1.039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индикација дека е сторено кривично дело.
Јанева во извештајот изразува уверување дека во претстојниот период, а во што е можно покус рок, ќе се изнајде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на Специјалното јавно обвинителство во смисла на обезбедување на законски механизми и отстранување на сите пречки со цел овозможување на обвинителството до крај да ги истражи кривичните дела кои се во негова надлежност.
СЈО извештајот го доставило до Собранието на Република Македонија и до Советот на јавните обвинители на Република Македонија, согласно законот.
Извештајот претставува преглед на работата на СЈО во изминатиот шестмесечен период, од 15 март до 15 септември 2017 година.