Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“. Ова е наведено во предлог-мерките што ги бара тимот на специјалното јавно обвинителство од кривичниот суд во обвинителниот акт, пренесува „Макфакс“.
Обвинителите од тимот на Катица Јанева напишале дека за финансирање на изборната кампања во 2011 година лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот шеф на Кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, треба да вратат во буџетот 567 илјади евра. За изборната кампања во 2012 година СЈО од Никола Груевски, Илија Димовски и Леко Ристовски побарува 673 илјади евра. Еден милион евра е сумата што обвинетите, доколку бидат осудени, треба да ја платат за изборната кампања во 2014 година. СЈО од нив четворица побарува сума од над 2,2 милиона евра.
Во обвинителниот акт за предметот „Титаник“, во кој се опфатени 21 обвинет, пишува дека Никола Груевски и Мартин Протоѓер од мај до јуни 2011 година како организатори на изборната кампања користеле недозволени средства за изборна кампања, кои потекнуваат од неидентификувани извори. Спротивно на Изборниот законик, не го пријавиле изворот на финансирање, со што го злоупотребиле законското овластување како организатори на изборната кампања. На идентичен начин во 2013 година Илија Димовски и Леко Ристовски, поттикнати од Никола Груевски како соизвршители во кривичното дело, користеле недозволени средства за изборната кампања. Според обвинението, поранешниот генерален секретар на Владата водел евиденција и парите ги чувал како готовина. Истиот принцип за уплата бил користен и за изборите во 2014 година. Во прилог на обвинението СЈО достави и записници од сослушување сведоци и обвинети и докази.
Никола Груевски сторил кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба од средствата на изборната кампања и повреда на избирачкото право. На Мартин Протоѓер му се става на товар и кривичното дело повреда на слободата на определување на гласачите, а Миле Јанакиески, покрај другите кривични дела, ќе одговара и за уништување изборен материјал. Пратеникот Илија Димовски, како и Никола Груевски, се товарат за злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба од средствата на изборната кампања. СЈО за Груевски, Протоѓер, како и за Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, побара мерка притвор, но Апелациониот суд одлучи само да им ги одземе пасошите и да донесе решение со кое тие еднаш неделно треба да се јавуваат во судот кај шалтерски службеник.