Сите тврдат дека не го ангажирале, а Денесоски убедува дека е координатор за изградба на вакциналниот пункт во Охрид

Од:

Министерството за здравство и Општина Охрид се оградија од сопственикот на охридски портал, Сашо Денесоски, кој за себе вели дека е координатор за изградба на вакциналниот пункт. Името на Денесоски и неговата функција станаа познати откако утринава, Црвен крст-Охрид објави дека избркал волонтери од вакциналниот пункт. Тој за себе прво кажа дека е ангажиран од Министерство за здравство и охридската општина, а сега, вели дека е назначен само од градоначалникот Константин Георгиески.

„Јас без координатор за изградба до денес, до вакцинацијата. Јас до денешен датум бев координатор за поставување на центарот. Ме назначи градоначалникот на Општина Охрид. Ќе го прашате господинот Георгиески зошто се дистанцира. Пред три недели, кога се донесе одлука на Влада да се формираат регионалните центри на општините. Градоначалниците требаше да си обезбедат спонзори за вакциналните пунктови. Кај претседателот на Влада, од страна на градоначалникот беше кажано дека Охрид не може да земе таква работа, бидејќи за да се поведе тендерска постапка потребни се шест месеци. Доколку барал спонзори кои се охридски фирми, буквално Константин Георгиески рече ‘Ако јас им побарам една кабина, тие ќе ми побараат еден кат дивоградба, јас не можам да бидам заложник на урбана мафија. Тоа беше од Константин Георгиески пред мене кажано. Наредниот ден, на негов повик седнавме, јас кажав добро, невладината моја ќе го подготви целосно. Тој ме назначи за негов координатор за изградба на центарот. Јас повторно сум вклучен во вакциналниот пункт со достава на вода за пиење, со донации. Од гел за раце, до пенкало, компјутери, се е мое. Не е само Охрид направен од мене, туку и Битола. Јас сум дал од мојот џеб, од децата мои. Дале моите партнери на мој повик, не на повик на Георгиевски или Наташа Петровска. Не гледам кој е тука проблемот“, вели Денесоски.

Наспроти ова тврдење Општина Охрид за „А1он“ вели дека нема надлежност во делот на ангажирање на координатор во центарот за вакцинација во Охрид. Тие велат дека имаат лице кое е надлежно за организација на вработените кои помагаат во пунктот, а тоа е Илкер Мустафа.

„Регионалниот центар за имунизација во Охрид располага со 14 приемни пунктови и 28 вакцинални места. Благодарение на општествено одговорни компании, центарот беше опремен со 14 паравани, нов агрегат за ладилникот, комплетна компјутерска опрема и оптички интернет за потребите на компјутерскиот центар за евиденција на граѓаните. Сашо Денесоски беше дел од лицата и компаниите кои покажаа интерес, логистички и финансиски помогнаа во делот на обезбедување на потребната опрема за функционирањето на центарот. Ја информираме јавноста дека за останатите активности околу спроведување на имунизацијата, ангажирање на волонтери, за целиот процес и протокол за организација на вакцинацијата надлежно е Министерството за здравство. Сите поединци кои се дел од процесот на имунизација се соодветно обучени и имаат поминато процес на симулација на вакцинација“, велат од Општина Охрид за „А1он“.

Координаторката на вакциналниот пункт во Охрид, Сања Саздовска, која е назначена од Министерството за здравство, не знае кој е и што прави Сашо Денесоски во вакциналниот пункт.

„Немам информација што прави тоа лице. Јас сум назначена од министерот. Не можам да ви кажам нешто што не е во мој делокруг на работа. Јас сум тука два дена и сум координатор со здравствените работници. Не знам што да ви кажам, не знам како да ви кажам. Тоа што го читам по порталите инаку јас не знам која му е улогата и што е, во која функција е тука. Не е тоа моја надлежност. Не го познавам човекот, јас сум тука дојдена, назначена од министер да контролирам ‘Мој термин’, да ги обучам луѓето кои работат во делот на влез-излез односно заверка на документација и во однос на здравствениот кадар да му помогнам за делот од администрација. Не смее никој да наредува на персонал, секој си има свој директор и треба наредбите да ги слуша од претпоставениот односно од директорите на здравствените установи. Уште на првиот состанок кажав дека за се сакам да ве информираат. Ќе се заложам да нема никаков проблем, жал ми е за ситуацијата“, вели Саздовска за „А1он“.

Наспроти ова тврдење, Денесоски за „А1он“ вели дека со координаторката Саздовска има постојана комуникација, па дури и заедно со неа ги примиле вакцините.

„Со кого се дружи таа 10 дена во Охрид. 10 дена е со маж и во Охрид, ги правеше симулациите. Да ви пуштам еден куп скриншотови на пораки, на ‘Вибер’ што ми ги праќала за вакциналниот пункт? Со Сања Саздова изминативе денови работевме максимално на изработка на пунктот, а симулациите ги изведувавме во нејзино присуство“, вели Денесоски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово исто така истакна дека координатор на Министерството за здравство е Саздовска, а не, Сашо Денесоски.

Инаку, Црвениот крст во Охрид обвинува дека волонтери пратени да помагаат при масовната вакцинација се избркани од вакциналниот пункт од Сашо Денесоски кој е сопственик на охридски портал, а себеси се претставува како координатор на процесот за вакцинацијата. Денесоски, пак, негира дека ги избркал, туку на еден волонтер му кажал да си оди зошто немаат потреба од него.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Започнува вакцинацијата против сезонски грип

А1он

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена