Сите ние сме ВМРО! Среќен празник, ДПМНЕ!

Од:

Секогаш тврдев дека ниту еден труд не е залуден. Какво и да е времето во кое живееме, на ќошeтo има по некој пример, толку и токму во количество колку да не се заборават вистинските вредности. Не знам зошто им е помил новиот автомобил, повисоката плата, скапото одело и одбивните лицемерни коктели, кога секое утро ги чека погледот од соседот, од продавачката во локалниот маркет, од семејството, од околината воопшто.

Се тешат веројатно со фразата дека секое чудо е за неколку дена. Адвокатот Време мора да побрза…Ни го потрошија животот… Нo, каков – таков, повторно е подобар од тој во нивниот затворен свет, од оној во кој вештачки отишле со продажба на своето достоинство. Би ги запрашал кое срце го лечат, иако го имаат најдобриот лек наместо неговата замена, кога го немаат органот што е заболен?! Што лечите? Еналаприл е полош од Енап, но далеку подобар од образ од гума, наместо образ од кожа…

Една новинарка вели: „црни се и стари затоа што злобата побрзо ги амортизира“… И најголемите атеисти понекогаш велат „да не даде Бог“, најморалните имаат валкани соништа, најчесните предизвик за измама, а најхрабрите – свои стравови. Но, тоа треба да биде толку ретко, толку исклучително, за да може кога вака пишуваме, текстот да ни добива на вистинската тежина…

Денешниот празник одамна го поистоветија со партија, ги присвоија авторските права за прослава, ја осквернавија историјата создавана од дејците и Денов стана монопол. Партија -еквивалент на држава! Сакавте да ја предефинирате дури и идеологијата, но не Ви успеа. За среќа!

Сите ние сме ВМРО, но на оние денес кои го чествуваат ексклузивитетот за прослава, повеќе им прилега да го слават Празникот на мандарините кои личат на портокал. Дотолку не се почитуваат себеси, што можеби е лудост да очекуваш од истите да бидат носители на некаква идеологија. Се препознаваат по неочекуваната љубезност и огромната омраза во очите. По тоа што личат на мандарина која упорно се труди да биде портокал, но ќе ја препознаеш по тешкотијата при лупењето. Ќе те испрска врз белата кошула тогаш кога не очекуваш, тогаш кога немаш време да се пресоблечеш, токму тогаш кога најмалку треба да бидеш со дамка.

Жално е тоа што логиката ја испратија во пензија која веројатно ги очекува новите проценти ветени пред потенцијалните парламентарни избори.. Наспроти тоа, нелогиката ја наградија со плата и огромни бенефиции, и’ врзаа кравата за да делува посериозно, но никако да ја научат на почит, манири и сестраност. До минатата година Ви бев лут за кражбата на историјата само за себе, оваа година Ви го подарувам празникот, со сета иронија во мојата потсвест. Го заслужувате!
Додека Ве прогонат, дотогаш фантазирајте дека на Татарчев, Груев, Батанџиев,… пандан им се Бонева, Јанкуловска, Ставрески. Се’ додека сите вистински патриоти не се откажат од Вас, можете да фантазирате дека “ендек политиката” кон сопствениот народ е македонска револуционерна идеологија. Земете го правото да ги прославувате и личните родендени на граѓаните, нивните слави и погреби. Идеологијата на оние во 1893 година беше држава, а не место во кое не сакате да се родите, место во кое одамна ништо не се прославува, место во кое само поради носталгијата би сакале да бидете погребани. Секој голем пожар е од искра, секој голем вресок е од еден глас, секој голем подвиг започнува од еден мал почеток. Интелектуалната револуцијата започнува со еден. Оние кои во 1893-та, па Илинден 1903-та и подоцна во НОБ тргнаа со идеја да прават држава – ја направија. Денес повторно треба да се ослободи одамна ослободената држава.

Среќен празник, ДПМНЕ!

Дејан Блажески

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска