„Синдикатот на АД ЕСМ стои во одбрана на правата на своите членови во компанијата, кои се гарантирани со законот за работни односи и со колективниот договор. Во овој момент проценуваме дека правата на нашите синдикални членови се загрозени од лица кои се претставуваат во име на поранешна згасната синдикална организација на ЕЛЕМ, која повеќе не постои и која остави само оштетени работници и неисплатени долгови по нејзиното згаснување. Ги повикуваме сите надлежни институции и истражни органи-да влезат во документацијата на поранешниот синдикат на АД ЕЛЕМ, сега ЕСМ и да проверат како се работело до 2017та година“, вели претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ, Јове Смилевски.
„Да преиспитаат каде и на кои сметки се префрлале парите кои се добивале од членарина и од фирмата, кои законски следувале. Како од синдикалната сметка се префрлани на сметка на СЕЕРИ, па на КСС итн., што не смеело да се прави бидејќи станува збор за различни правни субјекти. Целта зад тоа била да не им се плати на надворешни правни лица на кои синдикатот долгувал. Неисплатените долгови кои останаа по згаснувањето на стариот синдикат ги сервисираше самата фирма, ЕСМ, се со цел да се заштитат вработените кои беа инволвирани во ваква ситуација од страна на стариот синдикат и кои имаа земено различни стоки на рати преку синдикатот. На крај, најоштетени без самите работници кои останаа и без дрвата за огрев кои ги имаа нарачано преку синдикатот. Сметаме дека лицата од стариот синдикат водат нелегитимни процеси. Се сомневаме во издржаноста на одредени одлуки и очекуваме истите да паднат на повисоки судски инстанци“, се додава во изјава на претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ, Јове Смилевски.
„Ги демантираме сите наводи и манипулации изнесени деновиве од страна на т.н. Самостоен синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија при КСС кои се претставуваат во име на работниците на ЕСМ. Работниците знаат, а сакаме да знае и целата јавност: нашиот синдикат е репрезентативен и за тоа си имаме документи од сите државни одгани врз основа на 4.500 пристапници потпишани своерачно од секој еден работник. Вработените во ЕСМ се членови во својот сопствен синдикат, и во него си плаќаат членарина, преку него си добиваат и правна помош, превентивни здравствени одмори, потребни солидарни заеми, поволности за Нова година и други празници, согласно синдикалните можности итн.
Не добиваат ништо од никој друг, најмалку од лица кои останале без некои свои бенефиции кои ги уживале за време на поранешната власт и сега се обидуваат да ги вратат преку грбот на работниците и на штета на работниците“, вели претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ, Јове Смилевски.