Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски денес се обрати на отворањето на првата национална симулациска вежба за справување со компјутерски криминал/ИКТ безбедносни инциденти на национално и меѓународно ниво.
„Се соочуваме со стратешки закани на глобално ниво, но и на национално ниво што значи дека во справувањето секој има улога: владата, индустријата, академијата, но и индивидуалците. Секојдневниот живот, фундаменталните човекови права, општествените интеракции и економијата во државата, директно зависат од сигурноста и безбедноста во сајбер просторот. Сајбер- инцидентите, без разлика дали се настанати како резултат на злонамерен компјутерски напад, човечка грешка, природна појава или се од техничка природа, стануваат се поголеми, пофреквентни и се покомплексни”, истакна заменик министерот Бајдевски.
Македонија веќе работи на усвојување на политики и мерки со цел постигнување на високо ниво на безбедност во сајбер просторот. Формирана е меѓуресорска работна група, составена од претставници од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, чија цел е до јуни оваа година да изработи стратешки документи за Сајбер безбедноста, како и акциски план за нивно спроведување.
Заменик министерот Бајдевски истакна дека улогата на МИОА ќе биде клучна во донесувањето на националната рамка за обезбедување високо ниво на безбедност на мрежите и информациските системи кај јавниот и приватниот сектор, во согласност со НИС директивата на Европската Унија.
Тој изјави дека МИОА има тесна соработка со Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, MKD-ЦИРТ, уште од неговото формирање во рамки на Агенцијата за електронски комуникации. МИОА ја донесува законската рамка која го регулира работењето на МКД-ЦИРТ.
„Oператорите/субјектите на клучни услуги, имаат законска обврска, да го известат Националниот ЦИРТ тим за безбедносните инциденти кои предизвикале значително нарушување во обезбедувањето на клучните услуги. ЦИРТ тимовите треба да имаат и други законски обврски: да вршат мониторинг на инциденти на национално ниво; рано да предупредуваат, алармираат за ризици и инциденти; да вршат анализа на ризици и инциденти; итн.”, изјави заменик министерот Бајдевски.
На настанот свое обраќање имаа и в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн и директорот на Агенцијата за електронски медиуми (АЕК), Сашо Димитријоски.